Фото: Пиксабеј

Милорад Грчиќ, актуелен претседател на општина Обреновац и поранешен директор на Електростопанство на Србија (ЕПС), утринава беше уапсен во акција на српското Министерство за внатрешни работи (МВР) и Вишото јавно обвинителство во Белград.

Според главниот јавен обвинител на Белград, Ненад Стефановиќ, покрај Грчиќ се уапсени уште 14 лица.

– Тие се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластувањата во врска со јавни набавки за државната компанија ЕПС, со што ја оштетиле фирмата за над еден милион евра, прибавувајќи противправна имотна корист – изјави Стефановиќ.

Српското МВР објави снимка од акцијата, на која се гледа голема количина пари, накит, златни дукати и часовници, за кои се тврди дека се запленети при апсењето.

– Некои од осомничените се товарат и за давање и примање мито во форма на парични подароци, кои потоа ги прикривале со извршување на кривичното дело перење пари – додаде обвинителот.

Тој истакна дека Обвинителството ќе нареди и финансиска истрага против осомничените и нивните соработници.

Иако не го спомена експлицитно името на Милорад Грчиќ, Стефановиќ потврди дека меѓу уапсените е и актуелниот градоначалник на Обреновац и поранешен вршител на должност директор на ЕПС.