Фото: принтскрин

Јамарбер Малтези, зетот на поранешниот албански премиер Сали Бериша, кој претходно ја извршуваше функцијата шеф на Одделот за животна средина во Демократската партија,  уапсен е вечерва на меѓународниот аеродром во Тирана, објави „Топ чанел“.

– Полицијата го уапсила во моментот кога тој пристигнал на аеродромот со цел да патува надвор од земјата. Апсењето е по наредба на Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК –  додава телевизијата.

Единственото досие со кое се поврзува неговото име и за кое е пријавен во СПАК е она за приватизацијата на поранешниот спортски клуб „Партизани“.

Тужбата во СПАК за ова досие ја покрена министерот за внатрешни работи Таулант Бала во времето кога беше координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија. Освен него тој го обвини и Бериша и тогашниот министер за одбрана Арбен Имами. Истрагата на СПАК траеше две години.

-Тогаш Малтези беше повикан во СПАК и на распит за овој случај, додека се чини дека Специјалното обвинителство нашло доволно докази за да го уапси зетот на поранешниот премиер, кој смета дека е еден од главните сопственици на зградите кои ги избришаа трагите од комплексот Партизани – посочува телевизијата.

Во врска со ова прашање, на Бериша му е одредна безбедносна мерка „Задолжително јавување“ а му е одземен и пасошот. Се товари за пасивна корупција, перење пари и прикривање имот.

Инаку, станува збор за имот од околу 10.000 метри квадратни, во центарот на Тирана кој е приватизиран во 2008 година за 100.000 долари, што, констатира телевизијата, е  помала од вредноста на гарсоњера продадена на тој простор.

Спортскиот клуб „Партизани“ беше најважниот спортски комплекс во сопственост на Министерството за одбрана, недалеку од центарот на Тирана, каде денеска се подигнати 17 повеќекатници.

Во мај пред две години поради вмешаност во корупција, САД ги прогласи за непожелни  Бериша и неговото семејство.

Поранешниот албански премиер доцна синоќа  одржа итна прес-конференција во врска со изречените безбедносни мерки за него и апсењето на неговиот зет за ќерка Јамарбер Малтези.

Бериша рече дека обвинувањата против него и семејството се неосновани и оти тоа се ниски удари на премиерот Еди Рама за да се запре отпорот на опозицијата.

-Рама влезе во својата политичка агонија! Тој е шокиран до срж од неговите криминали, од аферите во кои нема правда на светот што го спасува, аферата Мекгонигал, аферата со печките за горење отпад, аферата со стерилизаторите, аферата со пристаништето Драч, аферата Бутринти, обвини тој, наведувајќи и незаконски добиени тендери од членови на семејството Рама.

Додаде дека за да се обвини Сали Бериша за „перење пари“ треба да се бидеш „без образ”, бидејќи неговиот имот е транспарентен.

-Обвинувањата се чисто политички. Сали Бериша е подготвен да направи се за својата кауза. Оваа битка е дел од мојата кауза. Рама покажа дека ја воспоставил диктатурата. Да се ​​обвини Сали Бериша за перење пари мора да си без образ. Тие што кажуваат такви работи немаат ни образ ни карактер. Во ова нешто има само една вистина а тоа е дека Мелтази ми е зет – додаде Бериша.

На новинарско прашање дали се плаши од затвор тој категоричен: Подготвен сум на се, ќе стојам со сета сила.

Во седиштето на Демократската партија пристигнаа голем број пратеници и сопартијци за да му изразат поддршка.