Фото: ЕПА

Не завидувајте кој и да победи на изборите во Турција овој месец. Победникот веднаш би можел да биде симнат од тронот поради силни економски ветрови. Со овие зборови ја започнува својата анализа порталот „Политико“, посветена на актуелната ситуација во Турција во пресрет на изборите

Во пресрет на парламентарните избори во Турција на 15 мај

Во првата деценија од 20-годишно владеење на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, тој направи економски бум. Тој се идентификуваше со силен економски раст – во просек повеќе од седум проценти годишно помеѓу 2002 и 2007 година. За растот во голем дел придонесуваа производителите и извозниците од конзервативните анадолски средини, претворајќи ја Турција во еден од бујните пазари во развој.
Во текот на втората деценија од неговото владеење, приказната спласна од низа надворешни и внатрешни причини. Сега, според турскиот статистички институт, годишната инфлација во земјата изнесуваше нешто помалку од 44 отсто за април. За истата работа, т.н. „ЕНАГруп“, независна истражувачка организација, процени дека реалната стапка е повеќе од двојно повисока, дури инфлацијата ја проценува на 105 отсто. За несреќата да биде поголема се случи земјотресот што предизвика огромни штети, при што за реконструкција се проценува дека ќе бидат потребни повеќе десетици милијарди долари.

Нови чекори во економијата по изборите апсолутно се неопходни

Претседателот на Турција, Ердоган, понуди одредени индикации дека е подготвен да преземе нов чекор по изборите, велејќи дека во април се обидува да собере тим под водство на поранешниот шеф на економијата Мехмет Шимшек, православен економист што им беше миленик на инвеститорите во претходниот дел од владиниот период.
Професорката по економија на универзитетот „Коч“ во Истанбул и поранешна економистка во одборот на Федералните резерви, Селва Демиралп, вели дека „небесно високите стапки би биле тешко апче за проголтување за секоја нова влада бидејќи, иако треба да ја скротат инфлацијата, тие исто така веројатно ќе го намалат бизнисот“. Професорката Демиралп тврди дека клучен предизвик за новата влада ќе биде „воспоставување доверба, домашна и меѓународна“ за да ѝ се даде простор на економијата за маневрирање и привлекување повеќе странски средства за финансирање на економијата без да се поттикне инфлацијата. Таа смета дека во случај на победа на опозицијата – која сигнализираше враќање на поортодоксна економија – каматните стапки можеби ќе треба да надминат 30 проценти за борба против инфлацијата. Тоа би бил огромен скок од сегашната стапка од 8,5 проценти.
Имено, шестпартиската коалиција што го предизвикува Ердоган има економски тим што вклучува експерти како што се поранешниот економски врв на АК партија – и поранешниот шеф на Шимшек – Али Бабаџан, како и Билге Јилмаз, професор во училиштето „Вартон“ во Филаделфија и советници на главната опозициската партија ЦХП, како што се поранешниот главен економист на турската централна банка Хакан Кара, американскиот економист Џереми Рифкин, и Дарон Ачемоглу, познат економист на МИТ.

Реалната економија на Турција, за среќа на државата и граѓаните, сѐ уште е силна

Турската економија сè уште е силна – вклучувајќи и силни производствени индустрии што се движат од автомобили до облека, договор на царинската унија со ЕУ и идеална географска локација за снабдување на пазарите во Европа, Блискиот Исток и пошироко. Имено, за турската економија се цени дека е многу еластична и флексибилна, а краткорочните проблеми може да се решат релативно брзо. Економистите велат дека „најважниот чекор по обезбедувањето стабилност ќе биде спроведување индустриски и технолошки политики“.
Мурат Учер, поранешен советник на турската централна банка, сега во Глобал сорс партнерс, изјави за „Политико“ дека на Турција ѝ треба сеопфатна програма за стабилизација и дезинфлација. Тој смета дека во опозицијата сѐ уште нема доволно добар тим да се справи со стабилизацијата и со инфлацијата и тврди дека „одржувањето на политичката стабилност во разновидна шестпартиска коалиција може да се покаже како најголем предизвик на опозицијата“. Сепак, Мурат Учер, поранешен советник на турската централна банка, изјави дека „е оптимист за враќање на традиционалната економија под опозициска влада, што може да значи послаб раст, но значително подобрена перспектива, во однос на факторот за добро чувство“.

Подготвил: Mарјан Велевски