Косовскиот премиер Албин Курти вели дека договорот постигнат во Охрид меѓу Косово и Србија како услов вклучува формирање заедница на општини со српско мнозинство, јавуваат косовските медиуми.

Курти во интервју за РТК кажува дека договорот не е најдобар за Косово, но дека е можност да се оди напред – пренесе „Фена“.

Тој вели дека во членот 10 од европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Србија и Косово се вели дека двете страни потврдуваат дека мора да се применат сите досегашни договори.

– Затоа има 39 договори, кои мора да се спроведат – рече Курти додавајќи дека членот 7, кој зборува за српската заедница во Косово, е за служби, а не за структури.

– Ниво на самоуправување, без загрозување на уставниот поредок на Косово – додава Курти и посочи дека има неколку предлози, но, како што тврди, другата страна се заканила со прекин на разговорите.

Лидерите на Србија и на Косово во саботата во Охрид постигнаа договор за нормализација на односите меѓу двете страни, кои беа нарушени од осамостојувањето на Косово во 2008 година.

Во текстот на договорот се наведува дека двете страни ќе развијат „нормални, добрососедски односи засновани на еднакви права“, дека „заемно ќе ги признаваат документите и националните симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати“ и дека Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација.

Исто така, ниту една партија нема да ги блокира или охрабрува другите да го блокираат напредокот на другата страна на нејзиниот пат кон ЕУ.

Вучиќ неколкупати досега повтори дека нема да ја признае независноста на Косово, ниту да прифати членство во ОН. Од друга страна, од Приштина стигнаа пораки дека заедницата на српски општини, на чие формирање инсистира Белград, може да биде дел од конечниот договор, само доколку во центарот има меѓусебно признавање.

Курти рече дека Охридскиот договор е „де факто признавање на Косово од Србија“