Најголемиот летен музички фестивал во Македонија, „Д фестивал“, продолжува со претставување на музичките изведувачи што ова лето ќе застанат на фестивалските бини во Дојран, од 30 јуни до 2 јули 2023 г. Следните потврдени изведувачи, хардкор-бендот „Смат“ и раперката Мими Мерцедез, доаѓаат од различни страни на музичката индустрија, но се еднакво добро познати и почитувани во регионот.
– За еден од најценетите македонски метал-кор бендови во регионот и во Европа – „Смат“, секогаш има резервирано место на главната бина на фестивалот. Но годинава овој настап е од особена важност бидејќи наедно е и голема прослава на нивниот голем јубилеј 25 години кариера. Соодветното одбележување на ваков момент беше спречено од пандемијата, поради тоа и се чекаше за најдобрата можна пригода за, веројатно, најверната обожавателска база кај нас да има достоинствена прослава со своите фаворити. Формирани во 1996 г., „Смат“ први ја претставуваат метал-кор музиката на македонската сцена и денес се препознаени како основоположници на овој музички стил во регионот. Покрај оваа титула, „Смат“ исто така се препознатливи по својата врвна изведба и експлозивен звук, кои прават нивните концерти да се едни од најпрофесионалните изведби кај нас. Со стотици концерти низ годините, публиката постојано е воодушевена со секој нов концерт, а нивната сценска енергија и автентична атмосфера на заедништво се прераснати во заштитен знак на „Смат“ – велат организаторите.
Од друга страна, Дојран годинава ќе биде буден до зори поради Милена Јанковиќ, подобро позната како Мими Мерцедез, која е првиот потврден изведувач на бината „Лејк авејк“. Со нејзиното деби во 2011 година, таа е една од првите раперки на српската музичка сцена и денес е исто така и една од најуспешните и истакнати претставнички на жанрот. Во својата дискографија таа има пет студиски албуми, од кои нејзиниот втор албум „Našminkam se i pravim haos“ е моментот кога таа влегува во меинстрим-сцената со хитови што денеска имаат милиони прегледувања на музичките платформи.