Сиромашните земји уште повеќе ќе осиромашат!

Она што сега ме загрижува мене е тоа што сето ова е влошено од страна на монетарните политики, одлуката на американските Федерални резерви да ги зголемат каматните стапки кога проблемот не е дополнителната вкупна побарувачка. Напротив, проблемот се прекините во снабдувањето и промените во побарувачката што беа предизвикани токму од војната, пандемијата итн. Да бидам искрен, зголемувањето на каматните стапки ќе предизвика забавување на економијата и зголемување на невработеноста. Затоа, тоа (зголемување на каматните стапки) нема да биде вистинската политика за справување со инфлацијата со која се соочуваме

Порака од Џозеф Стиглиц, добитник на Нобеловата награда за економија, професор на универзитетот „Колумбија“ и главен економист на институтот „Рузвелт“

Мислам дека дадоа погрешна дијагноза за проблемот и токму поради тоа актуелното решение не само што е погрешно туку само дополнително ќе ги влоши нештата. Зголемувањето на каматните стапки од нулта ниво, каде што претходно беа, до нормално ниво, беше добар потег. Потребно ни беше да ги стабилизираме каматните стапки. Но продолжувањето на зголемувањето на каматните стапки има глобален ефект што води до девалвација на девизните курсеви, ќе ја влоши светската должничка криза, државите веќе се презадолжени и ќе имаат уште поголеми тешкотии во иднина да го вратат долгот. Дури и што се однесува до САД, една од главните причини за инфлацијата е домувањето и тоа што зголемувањето на каматните стапки поттикнува намалување на инвестициите на пазарот на недвижен имот, што дополнително го влошува проблемот. Кога ги имаме прекините во снабдувањето и промените во побарувачката, потребни ни се повеќе инвестиции, а одговорот на Пауел (Џером Пауел, претседателот на Федералните резерви на САД) е да има помалку инвестиции.
Зошто повисоките каматни стапки се толку погубни?
Кога има одлив на пари од други земји и тие завршуваат во САД и во доларот, тогаш се зголемува вредноста на доларот и се намалува вредноста на другите валути. Проблемот е што парите што ги добиваат како огромни заеми се деноминирани во долари. Така, она што ќе го заработат во странство и дома вреди помалку во однос на она што им го должат на своите доверители. Затоа им станува сè потешко да ги намират долговите. Но она што уште повеќе ја влошува состојбата е падот на вредноста на нивните валути, но и зголемувањето на каматните стапки што мора да ги плаќаат. Дополнителен ефект на влошувањето е намерата на сето ова да резултира со глобално економско забавување. Овие држави што силно зависат од извозот ќе почнат помалку да продаваат, ќе се намали вредноста на нивната економија и ќе плаќаат повисоки каматни стапки. Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка веќе предупредија за должничката криза, а Федералните резерви сега го зголемуваат ризикот за полоша глобална должничка криза. Така, сиромашните земји уште повеќе ќе осиромашат!