Фото: Принт-скрин

Тим истражители ќе ги истражува прините за несреќата со српскиот автобус што синоќа излета од коловозот на автопатот Тракија во регионот Стара Загора.

На местото на несреќата синоќа пристигнаа бугарскиот главен обвинител Иван Гешев и неговиот заменик Борислав Сарафов, кој е и директор на Националната истражна служба.

Автобусот доцна синоќа бил отстранет од местото на несреќата. 14 од патниците се примени на лекување во болница, од кои тројца се потешко повредени.

Претходно, БГНЕС објави дека две од децата повредени во синоќешната несреќа со српски автобус на автопатот Тракија во Бугарија, утрово ќе бидат пренесени во болницата во Пирогов во Софија. Повикувајќи се на информации на бугарските власти, медиумот објави дека нема опасност по животот кај ниту еден од повредените. Пациентот со ампутиран екстремитет е во добра состојба, и се наоѓа во болницата во Стара Загорје.

Верзиите кои се истражуваат се грешка на возачот или техничка неисправност на автобусот. Ова го изјави вишиот инспектор Димитар Димитров од секторот „Патна полиција“ при Управата за внатрешни работи – Стара Загора, пренесе „БНР“.

Возачот на автобусот е приведен. Поведена е претистражна постапка.

Рокот за истрага на инцидентот е два месеци, а против возачот на автобусот денеска ќе биде поднесена кривична пријава.

Според водачот на српската група, Наташа, непосредно пред несреќата, патниците и возачот одмарале на бензинска пумпа, но тогаш на еден од постарите патници му се слошило и побарал да седне напред.

– Возачот сакаше да му покаже како да го намести потпирачот за грб од соседното седиште, се наведна на страна и автобусот излета од патот – вели таа.

Автобусот вчера тргна за Србија од Сончев Брег, каде децата и нивните водачи биле на фолклорен фестивал.