Операцијата „Во лов“ резултира со неверојатно вредни сознанија и за нашиот сојузнички партнер и за сајбер-одбраната на САД, изјави за јавноста мајорката Катрина Чисман од американската национална сајбер-мисија, додавајќи дека информациите биле споделени не само со албанската влада туку и со некои приватни компании со критични улоги во дигиталната инфраструктура на двете земји
Тирана тврди дека има несоборливи докази дека зад тешките сајбер-напади
„Играчот“ што стои зад одлуката за лансирање серија (успешни) сајбер-напади врз институциите во Албанија, при што одредени сторители сериозно ги загрозија и ги оштетија веб-локациите на албанската влада и привремено ги затворија владините служби, наскоро ќе биде прецизно лоциран и обелоденет во детали. Ваквиот заклучок може да се извлече откако Албанија излезе во јавноста со тврдењето дека со помош на врвни експерти од САД има „непобитни докази“ што укажуваат дека „Техеран стои зад сајбер-нападите“, при што им нареди на сите ирански службеници да ја напуштат Албанија. Тирана веќе отворено го обвини Иран за нападите во јули и во септември минатата година.
Заеднички сајбер-зафати што дале плод
Имено, американски сајбер-тим бил испратен во Албанија за да ѝ помогне на земјата да закрепне и да „лоцира и да лови“ дополнителни опасности. Официјални албански владини претставници во Тирана соопштија дека заедничките „напори дале плод“ и дека во заедничкиот противсајбер-зафат, тие откриле „нови податоци и информации за алатките, техниките и процедурите на малициозните сајбер-актери, кои се обидуваат да ги попречат владините мрежи и системи“. Официјалните лица одбија да споделат други и дополнителни детали, наведувајќи ја оперативната безбедност.
– Операцијата „Во лов“ резултира со неверојатно вредни сознанија и за нашиот сојузнички партнер и за сајбер-одбраната на САД – изјави за јавноста мајорката Катрина Чисман од американската национална сајбер-мисија, додавајќи дека информациите биле споделени не само со албанската влада туку и со некои приватни компании со критични улоги во дигиталната инфраструктура на двете земји.
Иран негира вмешаност во сајбер-атаките кон албанските институции
Иран ги негираше обвинувањата и одговорноста за сајбер-нападите врз Албанија, нарекувајќи ги обвинувањата „неосновани“.
Во септември минатата година, американската агенција за сајбер-безбедност и безбедност на инфраструктурата, ЦИСА и ФБИ за сајбер-нападите против Албанија вперија прст кон иранските државни сајбер-актери, кои себеси се нарекуваат „Правда на домашната земја“.
Од заедничката акција на САД и Албанија неофицијално се дознава дека иранската „Правда на домашната земја“ првпат добила пристап до албанските мрежи во мај 2021 година и го задржала пристапот до албанските мрежи повеќе од една година, крадејќи информации, пред да го започне првичниот сајбер-напад во јули 2022 година.
ЦИСА и ФБИ, исто така, заклучија дека Иран, најверојатно, го извршил вториот сајбер-напад во септември 2022 година, користејќи слични типови „малициозен софтвер“, како одмазда за одлуката на Албанија да му го припише првиот круг напади на Техеран.
Според официјалните претставници на САД, таканаречениот тим „Во лов“ бил распореден во Албанија минатиот септември и работел заедно со албанските официјални претставници пред да се врати дома кон крајот на декември.
Пред мисијата во Албанија, други американски тимови за „Во лов“ беа распоредени 43 пати во 21 земја, вклучувајќи и во Украина, Естонија, Литванија, Црна Гора и во Хрватска.
Албанските власти посочија дека се надеваат дека ќе продолжат да работат со американските сајбер-тимови за дополнително зајакнување на сајбер-одбраната на Албанија.