Архива / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европска Унија го сфати значењето на Западниот Балкан за нејзината безбедност, откако се соочивме со заедничкиот непријател – рускиот претседател Владимир Путин, изјави албанскиот премиер Еди Рама во интервју за бриселскиот портал „Еурактив“.

– Колку што вие ни требате нам, толку и ние ви требаме вам. Зошто? Прво и основно, за она што ви е најважно – безбедноста – оцени Рама.

Во интервјуто по повод денешниот Самит Украина-Југоисточна Европа во Тирана, на кој учествува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, и утрешната средба на лидерите на ЕУ и Западниот Балкан, на која фокусот ќе биде на План за раст на регионот и на стабилност на Унијата, Рама нагласи дека западнобалканските држави се подготвени да придонесат во борбата против Русија, особено во услови кога Европа и Западот бараат „оправдувања и ограничувања“ во врска со доставувањето помош за Украина.

– Нашите земји, Црна Гора, Северна Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, кои се целосно солидарни со Украина, ќе им кажат нешто на поголемите, побогатите момци. Нивните ветувања и нивниот ангажман постојат, но не сум сигурен дека оправдувањата за сите овие одлагања и ограничувања може да трае уште долго. Сите мора да испорачаат – додаде Рама.

Според него, овие средби во Тирана и вклученоста на регионот во помошта за Украина веројатно нема да го променат темпото на работите, но не треба да се потцени придонесот и влијанието што можат да го имаат земјите од Западниот Балкан.

– Ние си ја вршиме нашата работа – истакна Рама.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, говорејќи за утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан, на кој ќе учествува и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, Рама истакна дека Планот на ЕУ за раст на регионот, претставува чекор напред во однос на стагнацијата во процесот на проширување.

– Секој чекор напред кон меѓусебно зближување е чекор напред кон Европската Унија. Секој чекор напред кон Европската Унија, е чекор напред кон проширувањето – смета Рама.

Во однос на јунските избори за Европскиот парламент и можниот подем на десницата, Рама вели дека не е загрижен поради тоа, бидејќи Европа може да се промени, но нема да се промени потребата од проширувањето и борбата против заедничкиот непријател Путин.

– Путин помогна (ЕУ) да се разбуди по долгото самозадоволно спиење на Балканот, а во однос на Украина и Молдавија, тоа е колатералниот добар ефект на овој кошмар. Не гледам дека проширувањето е доведено во прашање – изјави Рама.

Во врска со идејата актуелниот холандски премиер Марк Руте да биде идниот генерален секретар на НАТО, Рама вели дека тоа би било „многу добра вест“ за Алијансата.

– Тој е и сто проценти наш кандидат. Со Марк Руте на чело, НАТО ќе има многу вешт политичар и вистински лидер кој знае како да се справи во тешки ситуации и се покажа способен да прави компромиси – нагласи Рама, додавајќи дека Руте е „вистинската личност за да биде гласот на Европа во САД и да разговара со секој американски претседател“, дури и во случај Доналд Трамп да се врати во Белата куќа.