На Бугарија повторно ѝ претстојат парламентарни избори, по петти пат во последните две години. Социјалистите, кои последни добија мандат да формираат влада, претходно признаа дека не успеале да најдат партнери
Не се гледа крај на владината криза во Бугарија
Во Бугарија напролет по петти пат во период од две години ќе бидат одржани парламентарни избори, откако и Социјалистичката партија не успеа во напорите за формирање влада. Последните парламентарни избори, одржани на 2 октомври минатата година, беа завршени без победник, а социјалистите завчера соопштија дека вложиле максимални напори да добијат поддршка со поставување јасни национални приоритети, но не успеале.
– Баравме решенија да ја извлечеме земјата од многубројните кризи, а најмногу од политичката криза. Ги разгледавме сите можности и одлучивме да го вратиме мандатот на претседателот – вели Корнелија Нинова, лидерка на социјалистите.
Претходно не успеаја да формираат влада ни двете најголеми партии – Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Ги продолжуваме промените, на поранешниот премиер Кирил Петков.
Непостоењето на влада ќе влијае на плановите на Бугарија да пристапи во еврозоната во 2024 година и ќе се одложат многу потребните реформи за борба против корупцијата, што веројатно ќе спречи ефикасно користење милијарди евра од фондовите за закрепнување на ЕУ.
Бугарија е политички нестабилна од големите антикорупциски протести во 2020 година и државата оттогаш ја водат главно преодни технократски влади, бидејќи не постојат стабилни коалиции.
Нинова наедно ги повика лидерите на шесте други политички партии да се обединат околу четири национални приоритети, вклучувајќи го и ефикасното искористување на помошта од ЕУ, но не дојде до договор.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, мора во рок од два месеца да го распушти парламентот и да распише избори.
Подготвил: Mарјан Велевски