Доц. д-р Спас Ташев, поранешен директор на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, е редовен провокатор во македонско-бугарските односи. Неговиот последен коментар е против Неговото Високопреосвештенство г. Петар митрополит преспанско-пелагониски. Имено, Спас Ташев иронизира со изјавата на митрополитот Петар „јас сум Македонец, мојата земја е Македонија, а моја црква е Македонската православна црква!“ И што од ова би требало да биде смешно? Или, што е лага, за човек да се срами од самиот себе и од своите корени? Ама, еве, Спас Ташев го прашува дедото Петар дали лаже, по онаа народната „држте го крадецот“ за на крајот – Спас Ташев излажал сѐ!
Спас Ташев ја обвинува Македонската православна црква за етнофилетизам. Според Спас Ташев, „таканаречената Македонска православна црква – Охридска архиепископија“ не може да го носи името Македонска, бидејќи државата „Северна Македонија“ опфаќала само 36 отсто од географската област Македонија, а другите 64 отсто биле под јурисдикција на Грција и Бугарија.
Ајде по ред. Спас Ташев и неговите истомисленици забораваат дека не постојат етнофилетистички цркви во светот. Сите цркви се еднакви пред Бога, Бог ги сака сите народи и сите луѓе во светот. Ако на територијата на една нација важи правилото и една православна црква, кому му пречи името на нацијата за национално име на помесната црква? Пред да ја обвини на Македонската православна црква – Охридска архиепископија за етнофилетизам, Спас Ташев самиот треба да се погледне во огледало. И Спас Ташев заборава дека етнофилетизмот го измислија Грците, како што и самите тие беа измислени во деветнаесеттиот век од Британија, Франција и Русија. Овие сили го создадоа синонимот „Грк-вера“, а Грците си го конвертираа во „Грк-етнос“ во намерата преку црквата да ја контролираат Источната екумена – за националните цркви да ги врамат во државните граници без национален предзнак, ама само Грците да бидат господари на верата во Исус на целата планета. Знаете, канонската јурисдикција не значи само духовно поглаварство на некој врз некого, туку право на сопственост на црквите и црковните имоти – во основа на сѐ се парите! Умрени се Грците – Грк да стане папа во источното православие, иако знаат дека тоа никогаш нема да биде! Иако станаа слуги на ЦИА, за преку поглаварот во Истанбул, службите да ги контролираат црквите на Истокот. Бидејќи само Грко-православната патријаршија на Истанбул за верски слободи награди директор на ЦИА… Кога сме веќе кај Грците, нешто и за нив да спомнеме, колку да сме во тек со грчкиот верски нацифашизам, наспроти непостојното грчко обвинение за етнофилетизам. Грците цел свет го обвинуваат за етнофилетизам, а етнофилетизмот во грчките цркви е инаугуриран во догма еднаква на расизам, нацизам и фашизам… Значи… успехот на грчкото востание од 25 март 1821 година против Отоманската Империја е благодарение на поморската победа над османлиската флота во битката кај Наварино во 1827 година по заслуга на учеството на Британија, Франција и Русија. На Лондонската конференција, со протоколот од 3 февруари 1830, трите сили, за првпат во историјата, ја прогласуваат Елада за држава – монархија под нивна заштита. Султанот на Елада ја признава дури со Договорот од Цариград во јули 1832 година. За прв претседател на Елада, трите големи сили во 1828 година го поставиле рускиот гроф Јоанис Каподистриа, роден на 10 февруари 1776 година на островот Крф, кој тогаш бил под власт на Венеција. Грофот Јоанис Каподистриа за првпат стапнал во Грција на островот Крит на 7 јануари 1828 година. Во 1829 година за главен град на државата Елада бил прогласен градот Нафплио. Инаку, од 1815 до 1822 година Јоанис Каподистриа бил министер за надворешни работи на Русија. На 9 октомври 1831 година, Јоанис Каподистриа бил убиен на скалите од црквата „Свети Спиридон“ во Нафплио, од членови на ривалското семејство Мавромихалис. Со неговата смрт, Грција влегла во период на анархија, сѐ до доаѓањето на 17-годишниот баварски принц Отон Први од Баварија, Германија, поставен од Британија, Франција и Русија. Отон Први во Нафплио пристигнал во 1832 година заедно со стотици баварски чиновници, офицери и архитекти – Германци што буквално ја изградиле државата. Во 1834 година, престолнината на Елада од Нафплио се преместува во Атина. Подоцна, низ 19 век со идеологијата мегали идеа, грчката држава постепено се шири со јонските острови (1864), Тесалија (1881), Македонија (1912) итн. до денешна Елада. Или, Елада е држава на окупации врз туѓи територии и геноцид врз домородните народи во окупираните територии. Првиот устав на Елада е донесен во јануари 1822 година во Епидаур, за време на Грчката војна за независност. Потоа следувале уставите од 1823, 1827, 1832, во чиј член 1 напишале – Грк е секој христијанин што живее во државата Елада.
Оваа верска придавка, грчкиот клир ја лепи на сите стари патријарси на територијата на Отоманската Империја – Истанбулската (Цариградската), Ерусалимската, Антиохиската и Александриската, именувани за Грко-православна патријаршија на Истанбул, Грко-православна патријаршија на Ерусалим, Грко-православна патријаршија на Антиохија и Грко-православна патријаршија на Александрија, во кои дури епископ не може да биде никој друг ако не е „Грк по род“.
Еве и Јован Вранишковски, кој во јуни 2002 година влезе во раскол во МПЦ-ОА, српската експозитура чиј поглавар беше – „Православната Охридска архиепископија (ПОА)“ за регистрација во Македонија пред надлежниот суд ја пријави под името „Грко-православна охридска архиепископија на Печката патријаршија“.
Арно ама, самиот Спас Ташев, заслепен од обвинувањата кон митрополитот Петар и Македонската православна црква – Охридска архиепископија, самиот запаѓа во контрадикторности. Прво, вели нема етнички Македонци бидејќи Софија ги смета за Бугари, ама ја осудува Македонската црква за етнофилетистичка. Второ, вели Македонската црква е етнофилетистичка поради името Македонска, ама заборава дека и православната црква во Бугарија по нивниот црковен устав е именувана како „Бугарска православна црква – Бугарска патријаршија“. Значи ли тоа дека и Бугарската православна црква е етнофилетистичка, или за неа таа квалификација не важи, ами само за Македонската православна црква? Трето, вели дека новото име на државата е „Северна Македонија и поради тоа Македонската православна црква не може да биде Македонска“. А заборава дека и Грција и Бугарија окупираат делови од Македонија по Балканските војни 1912-1913 година со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година!
Спас Ташев заборава дека седиштето на Македонската православна црква, пред промената на државното име со некрологот „Северна Македонија“, било во државата Македонија! Некрологот „Северна Македонија“ е во спротивност со два одржани референдуми во Македонија. На референдумот одржан на 8 септември 1991 година, речиси четири петтини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, ГЛАСАА ЗА „суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки. А на референдумот одржан на 30 септември 2018 година, речиси две третини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство“ НЕ ГЛАСАА „за членство во ЕУ и НАТО“ и не ја прифатија односно ја отфрлија македонско-грчката спогодба Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ. Одлуките на референдумите се задолжителни за сите, без исклучок!
Да не се заборават уште неколку пикантерии околу Бугарската православна црква. Се потепаа Бугарите тврдејќи дека Охридската архиепископија е бугарска црква. Арно ама, кога на 9 ноември 2017 година Македонската православна црква достави барање до Бугарската православна црква – ќе ве прифатиме за „мајка црква“ ако ни издадете томос за автокефалност, Бугарскиот синод на 27 ноември 2017 година тоа барање го отфрли.
Сѐ до 2008 година, за Бугарската православна црква, Охридската архиепископија не постоеше! Ја немаше во Уставот на Бугарската православна црква од 1950 година. Поради трендот на глобалната бугарска фалсификација – сѐ што е македонско да биде бугарско, дури на Шестиот црковно-народен собор одржан на 11 декември 2008 година, во членот 1 став (3) од Уставот на Бугарската православна црква, Бугарите во црковниот устав ја впишаа и Охридската архиепископија како нивно канонско наследство, имено: „Самоуправната Бугарска православна црква – Бугарска патријаршија е правен наследник на Плишковската архиепископија, Преславската патријаршија, Охридската архиепископија, Трновската патријаршија и Бугарската егзархија. Таа е единствена и неделива!“
До 2008 година, одметнатиот Јован Вранишковски со титулата „Негово Блаженство г.г. Јован VI Архиепископ Охридски“ и „Автономната Православна Охридска архиепископија“ формирана од Српската православна црква во Македонија, на Бугарската православна црква воопшто не им пречеа. Бугарскиот патријарх во Софија го примаше на Јован Вранишковски како Архиепископ охридски и како поглавар на „Автономната Православна Охридска архиепископија“. Е, како, кога Србите го инсталираа Јован Вранишковски за нивна експозитура во Македонија, Бугарите го прифаќаа како поглавар на Охридската архиепископија, а кога Македонците ја испорачаа Македонската православна црква како канонска наследничка на древната Охридската архиепископија за автокефалност, Бугарите нивното барање го отфрлија? Па нели Македонците се Бугари за Софија? Лакрдија до бесвест, ама кога се во прашање интереси, сите фалсификати се во игра.
За жал на Бугарската православна црква, во томосот за автокефалност на Македонската православна црква од Српската православна црква од 5 јуни 2022 година, Српската православна црква за првпат во својата историја напиша: „МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА е наследничка на древната и славна Охридска архиепископија, поради што во нејзиниот назив го вклучува и нејзиното чесно име!“
И уште нешто, во врска со томосот за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од 5 јуни 2022 година: Српскиот патријарх г.г. Профириј, за време на посетата на Руската православна црква – Московска патријаршија од 21-25 април 2025 година, за Руска ТВ, меѓу другото рече: „Историски гледано, дури и во канонска смисла на тој збор, териториите, црковните територии, епархиите на просторот на денешна Северна Македонија, под јурисдикцијата на нашата црква припаѓале само од 1920 до 1965-1966-1967 година. Во сите други историски периоди, дури и во времето на Свети Сава, епархиите во црковна смисла на тој збор, на територијата на денешна Северна Македонија не ѝ припаѓале на Српската православна црква.“
Инаку, во 1767 година, турскиот султан Мустафа Трети со ираде ја забранува дејноста на Охридската архиепископија, а нејзините епархии ги присоединува кон Грко-православната патријаршија на Истанбул, односно Цариградската патријаршија.
По повеќето руско-османлиски војни и притисокот на европските големи сили за реформи во Османлиската Империја, познати како танзимат (кој започнал со прогласувањето на Гулханскиот манифест или Хаи-шериф во 1839 година од страна на султанот Абдул Меџид Први до донесувањето на првиот Отомански устав во 1876 година), со спогодба помеѓу Руското Царство и Османлиското Царство се формира словенска православна црква, која требало да биде независна од Цариградската патријаршија, а која е именувана како Бугарска егзархија.
Со помош на руските дипломати во Цариград, на 28 февруари 1870 година султанот Абдул Азиз издал ферман со кој била признаена самостојна Бугарска егзархија. Сите во Османлиското Царство што не сакале да останат под Цариградската патријаршија, а поради претходно забранетата Охридска архиепископија, ја прифатиле јурисдикцијата на Бугарската егзархија, која богослужела на старословенски или старомакедонски јазик, а не на грчкиот неразбирлив јазик. Бугарската егзархија од турските власти добила дел од епархиите во Македонија, но тоа било оспорено од Царигадската патријаршија. Цариградската патријаршија го оспорила ирадето на султанот, Бугарската егзархија да добие дел од епархиите во Македонија, и во 1872 година ја ставила под шизма како расколничка црква со обвинение за етнофилетизам, односно за ерес во црквата. Бугарската егзархија ги држела епархиите во Вардарска Македонија до 1913 година, потоа повторно од 1915 до 1918 година и од 1941 до 1944 година, како што се менувале окупаторите во Македонија од Балканските војни сѐ до Втората светска војна. По Првата светска војна, на 19 март 1920 година, Србија ги купила епархиите во Вардарска Македонија од Цариградската патријаршија и ѝ ги дала на СПЦ-Пеќска патријаршија. Иако купопродажбата на епархии е скандал без преседан со анатема (симонија), никој и не претпоставувал дека можат да се продаваат цели епархии заедно со верниците во нив.
Бугарската егзархија како шизматичка црква пребива сѐ до 1945 година, кога Цариградската патријаршија и ѝ издава томос за автокефалност! Бугарската егзархија е преименувана во Бугарска православна црква – Бугарска патријаршија (БПЦ-БП) дури на Соборот одржан на 10 мај 1953 година, на кој е хиротонисан првиот бугарски патријарх Кирил, од Цариградската патријаршија признаен дури во 1961 година. Во Уставот на БПЦ-БП од 1950 година не постои Охридската архиепископија! За првпат во својата историја, Охридската архиепископија се спомнува во Уставот на БПЦ-БП усвоен на Шестиот црковно-народен собор одржан на 11 декември 2008 година, во чиј член 1 став (3) пишува: „Самоуправната Бугарска православна црква – Бугарска патријаршија е правен наследник на Плишковската архиепископија, Преславската патријаршија, Охридската архиепископија, Трновската патријаршија и Бугарската егзархија. Таа е единствена и неделива!“
Е па, Спасе Ташев, не лаже митрополитот преспанско-пелагониски, многу лажеш ТИ и не само за Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонците велат: Некои луѓе може да се лажат некое време, ама сите луѓе не можат да се лажат цело време, затоа што народот веќе виде сѐ! Ама, ВИСТИНАТА Е: Софија лаже СЀ!
Тодор Петров
































