Фото: Игор Бансколиев

Од Општина Аеродром информираат дека оваа недела ја завршиле со уште една успешна акција за чистење на депониите што се формираат околу контејнерите, станбените згради и јавните и зелени површини на повеќе локации низ општината.
– Одржувањето на јавните и зелените површини и грижата за здрава и чиста животна средина се приоритет во работењето на Општина Аеродром, продолжуваат активностите за чистење на депониите во општината. Во 2023 година, во општината отпочна воведувањето нов начин на организација и работа на комуналните служби. Покрај реорганизацијата во тековното работење и одржувањето на јавната хигиена, службите на Општина Аеродром секојдневно ги следат состојбите на терен, се мапираат локациите каде што се концентрира поголемо количество отпад и се постапува во најбрз можен рок – информираат од Општина Аеродром.
Наедно, се додава дека одговорноста за чиста и здрава средина се однесува првенствено на нив како локална самоуправа, но истовремено и на граѓаните и компаниите во општината. Општината ќе ги преземе сите дејства насочени кон подобрување на состојбата со дивите депонии. Истовремено апелираат до сите граѓани да го фрлаат отпадот во согласност со сите правила и прописи.