Стејт департментот на САД за верските слободи на Балканот:

Примери на антисемитизам во Србија, сегрегација во образованието во Босна и Херцеговина, нерешени имотни односи на верските објекти во Косово и во Црна Гора се некои од констатациите во редовниот годишен извештај на американскиот Стејт департмент за состојбата на верските слободи, објавен неделава. Извештајот се однесува за 2021 година за движењата на верските слободи во 198 држави и територии.
Во делот за Србија, меѓу другото, се наведуваат и оцените на претставниците на некои верски групи што сметаат дека се фаворизира Српската православна црква. Како позитивен пример се наведува пресвртот што се случи на 24 мај 2022 година кога патријархот на СПЦ, Порфириј, ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА. Во извештајот се наведуваат неколку случаи на антисемитизам во Нови Сад и во Белград, но како позитивни се истакнуваат напорите на Владата за враќање на имотите и за подготовките за изградба на меморијален центар за холокаустот на Стариот саем во Белград.
За Македонија се наведуваат изјавите од претставници на Исламската верска заедница за фаворизирање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а на нееднаков третман се жалат и помалите верски групи.
Во делот за Црна Гора, Стејт департментот потсетува дека Црногорската православна црква и натаму е нерегистрирана, а верските групи продолжиле да ја оспоруваат сопственоста на Владата над некои верски имоти и преносот на сопственоста на грбиштата на општините или другите ентитети. „Владата повторно не презела никакви чекори да се реши спорот меѓу СПЦ и Црногорската православна црква во врска со сопственоста на над 750 православни објекти што ги држи Српската црква“, се наведува во извештајот.
Во Босна и Херцеговина ниедна муслиманска група не може да се регистрира или да отвори џамија без одобрување на Исламската заедница, која е признаена од Владата. Верските заедници се жалат дека нема напредок во реституција на имотот што е одземен во периодот на федеративна Југославија. Стејт департментот се повикува на извештајот на Европската комисија за БиХ за 2021 година, во кој се споменуваат континуираната сегрегација и дискриминација во образовниот систем.
Во Косово во некои училишта продолжиле да ја спроведуваат директивата на Министерството за образование и наука со која се забранува носење верска облека и скратување на правото на пристап во училиштата за ученичките што носеле хиџаб. Исто така, се споменува и одбивањето на Владата за спроведување на одлуката на Уставниот суд на Косово од 2016 година, со која на Српската православна црква ѝ се признава сопственоста над земјиштето околу манастирот „Високи Дечани“. Минатата година во Косово биле регистрирани и 87 инциденти и тешки кражби од верски објекти, во споредба со 57 инциденти во 2020 година.