Предлог владата на Николај Габровски е маскирана во експертска, но во суштина е влада на Бојко Борисов, Румен Радев и Дељан Пеевски, напиша на Фејсбук поранешниот бугарски премиер Кирил Петков, откако денеска беа објавени имињата на предложените министри во неа.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков нагласи дека номинацијата на Николај Павлов за нов бугарски министер за енергетика е збунувачка. Според лидерот на „Промените продолжуваат“, ова е лицето кое на Бугарија дневно во просек и нанесува штета од над милион лева (500 илјади евра). Тој потпишал договор за одбивање на евтиниот азербејџански гас и сумата ја префрлил на руската компанија „Газпром“. Павлов требаше да биде под истрага, но обвинителството ги одзеде материјалите, а потоа ја прекина постапката – напиша Петков.
– Очигледно сето ова нема никакво значење во светот на Борисов и Радев – напиша Петков во својата објава на Фејсбук.
Петков на својот статус, напишан од странство, прикачил и цртеж на волк во јагнешка кожа. Така, според Петков, маската наречена експертска влада ги крие хибридните назначувања на Газпром-лобито на Румен Радев и корупциското лоби на Бојко Борисов под пригодниот чадор на обвинителството.
Петков е категоричен дека Бугарија не заслужува вакви фасадни демонстрации, зад кои се крие желбата за нови избори!
– Бугарија има потреба од одговорна редовна влада која ќе ја изведе од кризата и ќе продолжи да гради – за народот – напиша тој.