Од почетокот на војната во Украина, во Србија се регистрирани 323 компании чии основачи се од Руската Федерација, пишува војводинскиот истражувачки портал ВОИС.

Оваа бројка на регистрирани компании сочинува околу 25 отсто од вкупниот број на сите активни правни субјекти чии основачи се од оваа земја, се вели во написот на порталот.

Се додава дека само во март дневно се основале во просек по девет фирми, додека на 1 април биле основани 27, а најмногу на 25 март, вкупно 51.

– Повеќе од половина од овие новоформирани правни субјекти, односно 169 од нив се регистрирани за компјутерско програмирање. Во Белград има 246 правни лица, а во Нови Сад 48-пишува ВОИС.

Според порталот, на иста адреса се регистрирани 62 правни лица – „Данило Лекиќ Шпанац“ 1 во Нов Белград.

Од нив 60 се за компјутерско програмирање, а 22 од фирмите биле основани во ист ден, на 25 март.