Фото: МВР Србија

Во Србија сѐ уште е безуспешна потрагата по двегодишно девојче од Бањско поле крај Бор, Данка Илиќ, која вчера попладне изчезна крај својот дом, а денеска потрагата се прошири и преку контрола на патните правци од Бор кон Зајечар и други населени места, јави дописникот на МИА од Белград.

-Данка Илиќ, стара две години исчезна во 13 часот и 45 минути во населбата Бањско поле во град Бор. Девојчето исчезна на непристапен терен, обраснат со густа шума. Таа има кафена коса, кафени очи, висока е околу 85 сантиметри, во моментот на исчезнувањето носела виолетови панталони, маслинесто зелена јакна, црни патики и косата и е врзана во опавче. Доколку имате информации јавете се во полиција на 192 – добија за прв пат СМС порака граѓаните на Србија преку системот „Пронајди ме“ и со прекинување на ТВ и радио програмите, прикажување на екраните на автопатите, аеродромите, железничките и автобуските станици.

Сѐ прегледавме. Шумата ја пребаравме 15 пати. Само постои можност некој од страна да не дошол и го собрал детето. Од тоа најмногу се плашам, изјави комшија на фамилијата Илиќ, изразувајќи сомнеж дека детето е киднапирано.

Според медимите, двегодишното девојче е исчезнато на работ од приградската населаба Бањско поле, каде има густа шума. Полицијата почнала со потрага 15 минути по пријавувањето на исчезнувањето, а потоа, за еден час пристигнале 200 полицајци кои извршиле безуспешна пребарување во шумата и околу домот на девојчето. Претпоставка е дека двегодишно дете не може да отиде далеку од својот дом.

Сомнежите дека девојчето е киднапирано за откуп се отфрлени од полицијата, оти нејзините родители не се добро ситуирани.

Потрагата по двегодишното девојче трае повеќе од 24 часа, а се проверуваат домаќинства и викендици, патиштата, полињата, густата шума. На терен е полицијата, пожарникари-спасувачи, Жандармеријата со кучиња трагачи, рударите од градот и бројни граѓани. Во потрагата по девојчето во која се вклучени околу 2.000 луѓе се користат и дронови со термо камери и хеликоптери. Се врши и строга контрола на сите возила на патните правци околу Бор.

Во Србија за прв пат е лансиран системот Пронајди ме!. Тој е наменет за итно известување на јавноста во случај на исчезнување на малолетно лице, со што ќе се овозможи брза дистрибуција на информации до сите граѓани преку субјектите надлежни за информирање на јавноста, кога полицијата ќе оцени дека објавувањето на оваа информација во јавноста би придонела за пронаоѓање на детето.