Косовскиот премиер Албин Курти, по средбата со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, соопшти дека Косово го прифаќа предлогот на ЕУ за нормализација на односите.
Курти во објава на Твитер изјави дека имал добра дискусија со Лајчак.
– Добра размена на мислења со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак на работниот ручек во Приштина. Го прифаќаме предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и го сметаме за добра основа за понатамошна дискусија и солидна платформа за напредок – потенцираше Курти.
Тој додава дека за одредени прашања за меѓународните гаранции, механизмите за имплементација и тајмингот ќе се разговара наскоро, на преговорите во Брисел.
– Демократските концепти со европска ориентација ни даваат надеж – додаде Курти.