Во паркот пред Меморијален центар на холокаустот на Евреите во Скопје денеска, по повод еврејскиот празик Ту Бишват – Нова Година на дрвото, претставници на Еврејската заедница, ОБСЕ, Светскиот еврејски конгрес и на Фондот на холокаустот засадија дрвца.
Директорот на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите Горан Садикаријо посочи дека празникот коинцидира со почетокот на Конференцијата посветена на борбата со антисемитизмот на ОБСЕ, со која што претседава РСМ.
-Ова симболично садење на дрвја можеме да го поистоветиме со тоа да ја смениме реториката за чиста Македонија. Под чиста Македонија да подразбираме еколошки, здрава и чиста средина, чиста Македонија, ослободена и исчистена од секаков вид на дискриминација, антисемитизам и ксенофобија, да создадеме здраво општество за сите нас – нагласи Садикаријо.
Раби Ендру Бејкер, специјален претставник на претседавачот со ОБСЕ за борба против антисемитизмот, наведе дека во земјава бил многу пати, уште од почетокот на создавањето на Меморијалниот центар и посочи дека чувстува голема поврзаност со Центарот.
Тој истакна дека во чест на Ту Бишват е прикладно да се засадат дрвја.
Ендру Бајкер наведе дека создавањето на Меморијалниот центат го рефлектира разбирањето за тоа колку е важно учењето, не само лекциите за холокаустот, туку вистинското споделување на сликата за комплицираниот еврејски живот низ историјата во целиот регион.
Освен Ендру Бејкер, меѓу претставниците на ОБСЕ, присуствуваа и Катерина Форшунбајн, специјален претставник на ЕУ за добробит на еврејските заедници и борба против антисемитизмот и директорот на ОДИХР, Матео Мекачи.
Имено, за празникот Ту Бишват, легендата раскажува како дрвјата се обратиле до Бога со молба да направи Нова година и за нив. Бог ја послушал нивната молба и ја направил Новата година на дрвјата на крајот на зимата, кога сè почнува да оживува.
На Ту Бишват, Евреите на својата трпеза ставаат различни овошја што растат во Израел, како суво грозје, ореви, урми, смокви, калинки и пченица. Во современ Израел, овој празник се слави како ден на еколошка свест и се садат дрвја во знак на благодарност до природата.