Бугарските емисари и тука открија „Бугари“ - Булќиза / Фото: Википедиа

Албанија

Пратеничката во албанскиот парламент Дурата Чупи побарала од Високиот инспекторат за пријавување имот и судир на интереси да започне административна истрага за градоначалничката на Булќиза, Фестиме Мјештри, и администраторот на административната единица Острени, Љуан Мјештри, кои се брат и сестра. По откривањето на скандалот со издавањето лажни потврди за „бугарско потекло“ во селото Острени, област Голо Брдо, населено со Македонци, се бара административна истрага за градоначалничката на општината Булќиза заради основани сомненија на незаконско работење и прекршување повеќе законски прописи во смисла на злоупотреба на службената положба и овластување.
– Врз основа на состојбата на незаконитост и судир на интереси во општината Булќиза, побарав од Високиот инспекторат итно да започне управна истрага, за да се констатира состојбата на судир на интереси меѓу градоначалничката на Булќиза и администраторот на Острени, кого го назначила таа, а се сестра и брат, како и да преземе други казнени мерки во согласност со законот – се наведува во барањето на Чупи.
Во образложението на барањето таа додава дека високите јавни функционери и особено избраните „мора да ги извршуваат своите должности со интегритет, транспарентност и одговорност во служба на јавниот интерес, а не на личните или семејните интереси“.
Истражувачката емисија „Фикс Фаре“, која е објавена пред неколку недели, докажа колку е лесно да се купи потврда за бугарско потекло во Острени и Булќиза. За 100.000 леки новинарите купиле две такви потврди со печат и потпишани од администраторот на Острени, Љуан Мјештри.
По обелоденувањето на овој случај, полицијата ги уапси Мјештри (62) и А.Л. (33), раководител на секторот за социјална заштита, и двајцата жители на Острени, како и Фитим Бала (61), жител во Требиште, кој ја извршувал функцијата секретар на Советот на општината Булќиза, рударско гратче што се наоѓа на албанско-македонската граница, на дваесеттина километри од Дебар.
На итна седница на Советот на општината беа разрешени споменатите лица. Некои од советниците тогаш побараа оставка и од градоначалничката Мјештри, која е од редовите на владејачката Социјалистичка партија. Р.С.