Европската централна банка (ЕЦБ) и Светската банка (СБ) за глобалните економски движења во 2024 година

Загрижувачки прогнози за глобалните економски движења беа искажани од релевантни извори на Европската централна банка (ЕЦБ) и Светската банка (СБ).

Прогнози на потпретседателот на Европската централна банка, Луис де Гиндос

Потпретседателот на Европската централна банка, Луис де Гиндос, предупреди дека еврозоната можеби падна во рецесија во последниот квартал од минатата година, а изгледите за раст сѐ уште се слаби!
– Еврозоната лебдеше на работ на стагнација во поголемиот дел од минатата година, а Европската комисија прогнозираше дека активноста треба малку да се зголеми, за 1,2 отсто, годинава. Проблемот е слабеењето на домашната потрошувачка, која ЕЦБ ја скроти со зголемување на каматните стапки за да ја запре инфлацијата. Од средината на минатата година каматната стапка е зголемена за цели 4,5 отсто. Во вакви услови, економијата на еврозоната во третиот квартал е малку намалена во однос на претходните три месеци, а ЕЦБ очекува мал пад на активноста и во последниот квартал. Индикаторите укажуваат на пад на економската активност и во декември, потврдувајќи ја можноста за техничка рецесија во втората половина на 2023 година и слаба краткорочна перспектива – изјави потпретседателот на Европската централна банка, Де Гиндос.
Според него, новите податоци сигнализираат неизвесна иднина, бидејќи преовладуваат ризиците од пад на активноста. Слабоста е забележлива во сите сектори, особено во градежништвото и производството, а во наредните месеци веројатно ќе им се придружат и услугите.
Осврнувајќи се на монетарната политика, тој ги повтори насоките на ЕЦБ дека каматната стапка на депозитите од четири отсто, доколку остане на тоа ниво „доволно долго“, ќе ја спушти стапката на инфлација до целта од два отсто.
Проекциите на ЕЦБ предвидуваат дека инфлацијата ќе падне на целното ниво дури во 2025 година.

Прогнози на главниот економист на Светската банка, Индермит Гил

Уште позагрижувачка порака доаѓа од Светската банка, која во својата најнова прогноза укажува дека глобалниот економски раст ќе забави до 2,4 отсто во 2024 година. Ако ова сценарио се оствари, светската економија ќе забави трета година по ред, откако претходно порасна за 2,6 отсто во 2023 година, три отсто во 2022 година и 6,2 отсто во 2021 година.
Главниот економист на Светската банка, Индермит Гил, стравува дека сиромашните земји со високи нивоа на долгови нема да можат да си ги дозволат инвестициите неопходни за борба против сиромаштијата и климатските промени.
Светската банка очекува дека еврозоната ќе порасне за 0,7 проценти годинава, што е скромно подобрување во однос на минатата година од 0,4 проценти.
Според прогнозата на Светската банка, американската економија ќе го забави растот од 2,5 на 1,6 отсто во 2024 година, а кинеската економија од 5,2 на 4,5 отсто.
Во прогнозата се наведува и дека глобалната стапка на инфлација во 2024 година ќе падне од 5,3 отсто на 3,7 отсто во 2024 година и на 3,4 отсто во 2025 година.

Прогноза за глобален економски пад и во извештајот на ОН

Глобалниот економски раст од првично проценетите 2,7 отсто во 2023 година ќе падне на 2,4 отсто во 2024 година, се предвидува во најновиот извештај на ОН. Извештајот за светската економска состојба и перспективи предвидува умерено подобрување на растот до 2,7 отсто во 2025 година, но ќе остане под стапката на раст пред пандемијата од три отсто.
Глобалната инфлација се предвидува дополнително да се намалува, од проценетите 5,7 отсто во 2023 година на 3,9 отсто во 2024 година, се наведува во извештајот. Во него меѓу другото се наведува дека „ценовните притисоци сè уште се високи во многу земји и секоја понатамошна ескалација на геополитичкиот конфликт ќе придонесе за тоа.
Во околу една четвртина од сите земји во развој, годишната инфлација се предвидува да надмине 10 отсто во 2024 година. Се очекува САД да забележат пад на бруто -домашниот производ (БДП) од 2,5 отсто во 2023 година на 1,4 отсто во 2024 година. Прогнозите за Кина се дека ќе доживее умерено забавување, со раст проценет на 4,7 отсто во 2024 година, што е намалување од минатогодишниот раст од 5,3 отсто. Според извештајот на ОН, Европа и Јапонија исто така се соочуваат со предизвици и со прогноза за стапки на раст од само 1,2 отсто за двата региона во 2024 година.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека извештајот јасно покажува дека 2024 година ќе биде „уште една тешка година“.
– Прогнозите се дека бавниот глобален раст дополнително ќе забави. Инвестициите ќе останат на пониско ниво. Должничката криза ќе продолжи да расте додека обврските за сервисирање на долгот достигнуваат нови височини – рече Гутереш.
Тој додаде дека разорните конфликти и зголемувањето на трендот на екстремни временски услови носат неизвесност и ризик за глобалната економија.
– Годинава мора да излеземе од оваа кал. Со почнување големи инвестиции, можеме да ги зајакнеме одржливиот развој и климатските активности и да ја насочиме глобалната економија кон посилен раст за сите – рече Гутереш. Е.Р.