фото: Фејсбук

Новиот бугарски премиер Кирил Петков изјави дека Бугарија не донела никаква одлука за распоредување на силите на НАТО.

– Бугарија не разговарала со никого и не донела никаква одлука за можно распоредување на силите на НАТО во регионот на Црното Море, како одговор на распоредувањето на руски војници долж границата со Украина – изјавил Петков, пренесуваат регионалните медиуми.

Неговиот коментар следи по вчерашната објава на Фејсбук на бугарскиот министер за одбрана Стефан Јанев, кој исто така рече дека Бугарија не гледа потреба од распоредување војници на НАТО на своја територија како одговор на акумулацијата на руските сили долж границата со Украина, пренесува „Ројтерс“.

– Јасно кажав дека сме и ќе бидеме активна членка на Европската Унија и НАТО. Ваквата одлука ќе биде усогласена – рече Петков, истакнувајќи дека Бугарија, која влезе во НАТО во 2004 година, е за поголема дипломатија и мирни решенија и помалку воени разговори за безбедноста на источното крило на ЕУ и НАТО.

Според медиумите, бугарскиот министер за одбрана синоќа ги потврдил информациите дека во рамките на НАТО се разговарало за различни опции, вклучително и присуството на бугарски и романски војници во Црното Море како дел од мисијата наречена „Подобрено напредно присуство“, во која НАТО веќе распоредува дополнителни сили во Балтичките држави и во источна Полска, објави претходно „Ројтерс“.