Бугарија
Лидерот на ГЕРБ, поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, вчера на прес-конференција обвини дека во бугарскиот парламент се случува најголемото купување гласови.
Гледате во различни делови на Бугарија кои се вистинските резултати. Во исто време, пред очите на целата наша демократска јавност, полицијата масовно врши притисок, оди наоколу и влегува во куќи за експлицитно да каже дека не треба да се гласа за ГЕРБ – обвини тој.
Борисов додаде дека покрај пари за пребеганите пратеници, се нудат и огромни суми за пратениците да не влезат во пленарната сала за време на гласањето на новиот кабинет.
На ваквите обвинувања меѓу првите реагираше Бојко Рашков, министер за внатрешни работи во оставка, кој рече дека „луѓето како Борисов немаат морално право воопшто да зборуваат за избори“. Рашков додаде дека тргување со гласови се создавало во партиските штабови, кои собирале пари од нивните блиски фирми за со нив да ги поткупат најсиромашните гласачи.
Ова е политичкиот морал што го создадоа луѓето како Борисов. До овој период не знаевме за ваква појава – посочи Рашков.
Целата оваа тензија се случува во период додека се подготвува теренот да биде изгласана новата влада во Софија. Засега е извесно дека во новата бугарска влада на мандатарот Асен Василев ќе влезат партиите Продолжуваме со промените, БСП и Демократска Бугарија, но неизвесно е дали новата коалициска влада ќе го добие мнозинството од 121 пратеник од актуелниот состав на Народното собрание на Бугарија. За тоа им се потребни и седумте пратеници што се отцепија од довчерашниот владин коалициски партнер Има таков народ, но и поддршката од уште пет други пратеници. Во таквото константно пребројување на пратениците, лидерот на опозициската ГЕРБ, Бојко Борисов, обвини за обиди за купување пратенички гласови.