Фото: ЕПА

За денеска најавената комеморација за трагично настраданите ученици од ОУ „Владислав Рибникар“ која требаше да се одржи во Собранието на град Белград е одложена, а родителите на децата од ова училиште до државата испратија седум барања, јави дописникот на МИА од Белград.

Рокот за одговор на државата и надлежните органи е една недела. Целиот Совет на родители на ова училиште застана зад барањата.
Ова се барањата на родителите:

1. Бараме реконструкција на настанот, објаснување како се случил, како тече истрагата и во која фаза е.

2. Професионално да им се објасни на родителите што ќе биде со детето убиец и каков е статусот на неговите родители, бидејќи кај децата постои голем страв дека ќе биде пуштен на слобода.

3. Тим од надворешни психолози и психијатри кои редовно ќе работат со учениците од седмо 2 одделение без учество на училишниот педагог и психолог, заради обезбедување непристрасност. Родителите мора писмено да бидат информирани за програмата, како ќе работат со децата и да им бидат доставени биографиите на сите професионалци вклучени во програмата.

4. Доколку се одлучи учебната година да се продолжи за седмо 2, мора да се најде начин да не влегуваат во училиштето преку главниот влез и да имаат настава во една од училниците на малиот излез.

5. Бараме целосно реновирање на училиштето од 1 септември.

6. Даваме целосна поддршка на целиот наставен кадар.

7. Бараме да се утврди целосната одговорност на лицата кои го објавија списокот со имињата од седмо 2 одделение кој го обиколи светот, како и сликите на децата и родителите и за тоа да бидат санкционирани.

„Овој допис е испратен до МВР, до обвинителството и до сите други надлежни органи. Бараме само да не молчат и да бидеме информирани што се случува по овие прашања“, се наведува во барањето на родителите.