Фото: Влада / Архива

Во имотната листа на претседателот на Србија, која е ажурирана на 11 мај годинава, стои дека неговата месечна плата како шеф на државата сега изнесува 200.962 динари (околу 1.700 евра). Според ваквите информации, првпат платата на претседателот надминува 200.000 динари, пренесува Н1.

Од Кабинетот на претседателот на Србија претходно за порталот Данас изјавија дека платата на претседателот, по покачувањето од јануари годинава, изнесува 199.126,45 динари, а новата сума ќе биде објавена на веб-страницата на Агенцијата за спречување на корупцијата кога ќе биде регистриран имотот во 2023 година, за што рокот беше 1 мај.

Вучиќ на таа позиција претходно заработувал 176.545 динари, што значи дека платата му е зголемена за 24.417 динари или 11,3 отсто. Според податоците од имотната листа, Вучиќ, кога ја презеде функцијата претседател на Србија во 2017 година земал плата од 128.177 динари.

Според податоците на Агенцијата, објавени јавно на нивната веб-страница, претседателот од 2021 година до мај минатата година имал приход од 165.732 динари.

Претходно неговата плата била 157.262 динари во 2020 година, а една година претходно – 135.586 динари.