Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека немало таен договор со Србија за отстранување на барикадите на северот. Тој посочува дека единствената гаранција што им ја дале на меѓународните партнери е дека на север нема списоци за апсење и категорично демантира дека дал гаранции за формирање на Заедницата на српските општини, пренесува Репортери.

Курти изјави дека за разрешување на ситуацијата на север, освен со американските, имало средби и со амбасадорите на КФОР, ЕУЛЕКС и Квинта.

Како што вели, последниве денови е зголемена нивната заложба за отстранување на барикадите, бидејќи косовската полиција покажала одлучност да ги отстрани.

– Немаше таен договор. Имаше средби со КФОР и имаше средби со ЕУЛЕКС и имаше средби со амбасадорите на Квинта. Бидејќи повеќепати кажавме дека трпението на граѓаните и надлежните е при крај, му даваме уште малку време и уште малку простор на КФОР, но тоа не може да биде бесконечно. Но, исто така, од средбите што ги имавме, почнавме да ја забележуваме нивната зголемена посветеност за отстранување на тие барикади, па затоа во неделата кажавме дека е прашање на денови кога тие барикади ќе бидат отстранети. Доколку КФОР не реагираше, тогаш косовската полиција ќе беше принудена на тоа. Таа директно ме убеди кога ја прашав дека има не само волја, туку и капацитет ефикасно да ги отстрани тие барикади – вели тој.

Сепак, вели дека е добро што самите ги тргнале барикадите, а не тоа да го прави косовската полиција.

– Му дадовме повеќе време на КФОР, бидејќи од информациите што ги добивме стана јасно дека на северот на Косово почнаа да циркулираат луѓе кои или биле директно договорени или имале врски со платениците на Вагнер, потоа со паравоената формација Ноќни волци и во исто време тие користеа слични тактики од 2014 година во Украина – додава Курти.

Според него, единствената гаранција што им ја дале на меѓународните сојузници е дека нема список за апсење.

Како што вели Курти, други гаранции за косовските институции се Уставот, поредокот и законот, но и координацијата со меѓународните сојузници.

Според неговите зборови, српскиот претседател Александар Вучиќ, како и Русија, ги користат барикадите како политичко средство за дијалог меѓу Косово и Србија.

– Не само тој, туку верувам дека тоа го прави и Кремљ, бидејќи главната парола на тие барикади, тие гневни барикади и главната парола на протестот што Србите во Јариње ги повикаа сите Срби на Балканот да дојдат таму – вели Курти.