Протестите во албанската престолнина Тирана продолжија и синоќа, при што демонстрантите фрлаа камења кон полицијата, палеа клупи и канти за отпадоци и оштетуваа јавна инфраструктура, пренесува агенцијата АТА.
Демонстрациите траеја повеќе од 10 часа. Дел од учесниците се собраа пред парламентот, додека други протестираа во близина на кабинетот на премиерот Еди Рама, каде што беа распоредени полициски сили.
Тензиите дополнително ескалираа во близина на парламентот, каде што полицијата употреби водени топови за да ја растера толпата, откако демонстрантите продолжија да фрлаат камења кон полициските службеници.
За време на протестите беа запалени клупи и канти за отпадоци на повеќе локации низ градот, меѓу кои булеварот „Маченици на нацијата“, плоштадот „Скендербег“ и улицата „Каваја“. Притоа беа оштетени јавни површини и сообраќајни знаци.
Меѓу демонстрантите имало и маскирани лица и малолетници. Претходно биле регистрирани судири со полицијата во близина на Министерството за образование и пред кабинетот на премиерот.
Подоцна, дел од демонстрантите повторно се собрале пред владината зграда, откако, според извештаите, бил постигнат договор со полицијата за избегнување насилство и продолжување на протестот на мирен начин. Во меѓувреме, полицијата поставила безбедносен кордон пред кабинетот на Рама.
































