Грција

Невидениот скок на цената на течните горива во Грција е последица на поскапувањето на суровата нафта на 130 долари за барел поради војната во Украина, пишува атинскиот деловен весник „Економикс тахидромос“. Поскапувањата се „катаклизмични не само од ден на ден, туку и од час на час“, а просечната цена на безоловниот бензин во Грција сега надминува две евра за литар, пишува весникот.
Цената на нафтата за греење што ја користат индивидуалните котларници на станбените згради во грчките градови достигнува или надминува 1,5 евро за литар, што е под влијание на вчерашното заладување и најавата за снежна бура во поголем дел од Грција.
Безоловниот бензин вчера во Грција беше поскап за 40 отсто од почетокот на оваа година, а нафтата за греење за 75 отсто во однос на лани.

Претставниците на бензинските пумпи дури изјавија дека со темпото со кое се движи пазарот, цените на безоловниот бензин во наредните денови би можеле да достигнат 2,5 евра за литар, особено ако нафтата продолжи да поскапува на меѓународниот пазар.
Тоа создава огромни проблеми во домаќинствата, особено за оние што мораат секојдневно или често да патуваат на работа со автомобил или поради тоа што немаат друго превозно средство, посочува весникот. Поради стравот од коронавирусот, многумина не сакаат да користат јавен превоз.
Вчера просечната цена на безоловниот бензин од 95 октани во и околу Атина беше 2,030 евра за литар, што е просечна цена за Грција. На подрачјето на Солун просечната цена на тој бензин е 2,020 евра за литар, а на Кикладите била близу 2,2 евра за литар.
Просечните цени на дизелот се над 1,8 евро за литар, што создава услови за големи поскапувања на стоките поради зголемувањето на трошоците за превоз со камиони, што се очекува да се префрли на малопродажните цени, односно на потрошувачите. Поскапувањето на дизел-горивото годинава надминува 54 отсто.