Босна и Херцеговина

Транспортерите од Република Српска и Федерацијата БиХ вчера во Бања Лука и во Сараево го изразија своето незадоволство со протест поради големото поскапување на горивата и побараа укинување на акцизите за нафтата и нафтените деривати. Транспортерите од Република Српска тргнаа со повеќе од 150 камиони од сообраќајниот јазол Приедор во близината на Бања Лука и го завршија протестното возење во населбата Лауш. Освен поскапувањето на горивата, тие ги посочија и проблемите со бавното издавање на лиценците што им ја отежнува работата, како и долгото чекање на границите на БиХ.
Претседателот на Здружението на меѓународни и домашни транспортни превозници на РС, Никола Грбиќ, рече дека превозниците се соочуваат со голем број проблеми и дека не добиле никаква помош од институциите од почетокот на пандемијата на коронавирусот.
„Имаме добра соработка со Министерството за транспорт и врски на РС, но проблемот е што државните институции не ни ги решаваат проблемите. Најголемите проблеми се енормно високите цени на горивата, лиценците што не се признаени од Министерството за врски и транспорт на БиХ, како и многу долг престој на границите во Градишка, Рача, Изачиќ и Брод“, рече Грбиќ.
Тој предупреди дека протестите ќе станат порадикални доколку институциите на БиХ не ги почитуваат нивните барања во следните неколку дена.
„Би можеле да ги блокираме граничните премини со камиони доколку не се исполнат нашите барања. Не сакаме граѓаните да страдаат и да прават голема врева, туку само да укажеме на нашите права“, рече Грбиќ.
Превозниците во Федерацијата БиХ го започнаа своето протестно возење од сараевската населба Штуп со барање надлежните институции да ја укинат акцизата за горивото. Наведоа дека возачите подолго време ја напуштаат БиХ, дека има диви превозници, како и дека во двата ентитета не се усогласени законите што ја регулираат нивната работа. Посочија и дека неколку дена чекаат на царина поради неажурност.