Фото: Игор Бансколиев

Претседателот на Србија, Aлександар Вучиќ, вчера ја коментираше новонастанатата ситуација околу извозот на српска пченка и пченица, кој може да биде стопиран поради украинската криза. „Во регионот има таква треска за житата што цените отидоа на небо, сите сакаат да обезбедат храна за населението. За еден ден имавме барање за четвртина од нашите вкупни резерви, 200.000 тони“, изјави претседателот Вучиќ. Ваквата негова изјава доаѓа по одлуката Србија да воведе мерки за извоз на земјоделски производи откако во понеделникот се соочи со барање за извоз на пченица на историски највисоко ниво, логистички непремостлив, објасни тој пред новинарите.
Вучиќ додаде дека донеле одлука за забрана на извозот, со тоа што Владата може да дозволи извоз ако се процени дека тоа не ги нарушува домашните потреби. „Но засега, граѓаните не треба да се грижат, бидејќи Србија ќе има повеќе од она што е потребно, во моментов имаме 800.000 тони пченица и еден милион тони пченка во нашите резерви“, рече тој и потсети дека годишните потреби се 1,2 милион тони пченица, а жетвата допрва доаѓа во август.
„Мораме да мериме секој ден, за да не дојдеме во ситуација ниту за секунда да се загрижиме дали имаме доволно за населението, но и за нашето опкружување. Нема смисла ние да имаме, а да немаат луѓето во Скопје, Подгорица или Бјелина. Ние сме систем на споени садови“, рече тој.
Тој посочи дека на луѓето им било кажано дека ќе има доволни количества од сѐ за што имаат потреба – сол, шеќер, масло, брашно, пченица и пченка.
„Имаме повеќе од доволно од сѐ, повеќе од потребите на Србија. Но важно е да обезбедиме доволно леб и сѐ за нормален живот на граѓаните“, посочи тој.