Лавинија Софрониевска, режисерка

„Обичната Ели“ е краток филм на режисерката Лавинија Софрониевска, кој неодамна ја имаше својата премиера во киното „Фросина“. Станува збор за дебитантски краткометражен игран филм, по сценарио и режија на Лавинија Софрониевска, а во продукција на „Минимал колектив“. Улогите ги толкуваат Изабела Новотни, Кирил Пенушлиски и Тамара Ристоска. Филмот е снимен на неколку локации во Скопје и прави паралела меѓу луѓето што се безгласни букви во секојдневието и рибите што ја отвораат и затвораат устата и живеат затворени во аквариум. Филмот ја следи битката на Ели со стравот и светот околу неа.
„Обичната Ели“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм.
– Тоа е филм со едноставна приказна, со која секој може да се идентификува. Една жена сака и планира да даде отказ од работа. Станува збор за обичен настан од секојдневието, кој е раскажан преку психолошката состојба на ликот. Идејата на филмот ми беше да прикажам состојба, состојба на неодлучност, страв, кукавичлак. Потоа, од самата таа состојба произлегоа прашањата на парализирачки страв од едноставни животни ситуации и колку тој страв може да го намали квалитетот на животот – објаснува Софрониевска.
Како што вели таа, Ели е уште една од многуте во толпата, интровертна, тивка, но со богат внатрешен живот и свои соништа за кои никој не знае, послушна и мирна, секогаш онаму каде што ѝ диригираат другите. Западнала во навиките на секојдневието и сега, 25 години подоцна, никако не може да се осмели да промени нешто.

– Одлично е да се работи на краток филм, пред сѐ е неверојатно забавно и исполнително, oсобено кога се работи за реализација на твое сценарио. Краткиот филм те учи да се „зипуваш“ на еден начин. Тренинг за пакување на идејата во едно помало богато пакетче што мора да има сѐ. Кратките филмови имаат свој пласман и публика тука. Публиката е помала, па затоа и изгледа како да ги има поретко, но, сепак, се присутни на сите фестивали низ државава. Оние што ја следат таа сцена и имаат интерес и љубов кон оваа уметност, можат да ги проследат и кратките форми на филм. Е сега, секогаш има, нели, простор за повеќе и почесто, но имаме многу млади ентузијасти што се борат за овие прашања, така што топло препорачувам да се истражат сите фестивали низ Македонија, но и да се поддржат каде што е потребно. Сигурна сум дека ќе се изненадат од тоа колку, всушност, имаме интересна филмска програма за краток филм секоја година – изјавува Лавинија.
Според неа, има публика, но смета дека не секогаш кратката форма на филмот одговара на естетиката и барањата на денешната младина, која поминува многу време на социјалните мрежи.

– Денес окото на социјалните мрежи го фаќаат визуелно дури и пренатрупани кадри во светли бои, кои брзо се менуваат, звуци и гласови што се повторливи и дури иритирачки, содржина што нуди многу информации во малку секунди. Тоа што кратките филмови траат петнаесетина минути не ги прави конкуренција на некое тикток-видео или спотовско филмче. Сепак, краткиот филм е поблизок до долгометражниот, така што социјалните мрежи не играат некоја улога во воспитанието на публиката за кратки филмови – вели режисерката.
Софрониевска периодов подготвува друго сценарио за краткометражен филм.
– Креативноста има милиони начини како да се извади од себе, некои се интимни и никогаш нема да се дознае за нив, а некои се, ете, јавни и фала му на Господ што имам шанса да го правам и тоа, многумина немаат. Енергијата секогаш ја вложувам во другите и во надворешната средина, само така може човек да биде задоволен и храбар, најбитно е, да речеме, да не се стане Ели – вели Лавинија.