Според извори од истрагата, станувало збор за сериозна организираност на криминална група, во која секој учесник имал добро обработена и до детали предвидена своја улога во едно севкупно сценарио. Во одлично синхронизираната група, точно се знаело кој во каков момент и околности ја координирал целата операција, при што еден од нив бил задолжен да ги лоцира соодветните возила, трети реализирале упад во објектите каде што било посочено дека се оригиналните клучеви на возилата, при што нивна задача била да ги украдат само клучевите, додека други биле задолжени за безбедно изнесување на возилата од Грција во Македонија
За криминалната група од Македонија осомничена за кражба на луксузни автомобили во Грција
Во голема акција на грчката полиција деновиве беше разбиена криминална мрежа, со членови што се македонски државјани, која крадела луксузни автомобили главно од туристи што биле на летување на Халкидики во Грција. Нивниот плен, според истрагата, изнесува повеќе од 1,2 милион евра. Имено, станува збор за криминална мрежа што добро го разработила овој „бизнис“, крадејќи луксузни возила. Засега грчката полиција не го открива идентитетот на осомничените, иако постојат некои индиции дека тие се дел од поголема организирана група, која во своето криминално „портфолио“ вклучува и криминални дела со моторни возила за превоз на мигранти.
КАКО ПОЛИЦИЈАТА ЈА ОТКРИЛА КРИМИНАЛНАТА ГРУПА
Она што е досега утврдено во истражната постапка е дека за деветнаесет кражби на луксузни возила, во вредност од над 1,2 милион евра, осомничени се шестмина македонски државјани.
Од нив, тројца се веќе уапсени, а грчката полицијата трага по три лица. Од тројцата уапсени, двајца веќе се идентификувани како дел од криминалната мрежа, но тие не се „мозокот“ на организацијата. Тројцата уапсени се на возраст од 22, 24 и 37 години.
Полицијата трага и по 31-годишен осомничен, а за шестиот учесник во криминалната група, полицијата официјално нема детали, но и тој, според некои извори блиски до истрагата, исто така е од Македонија.
Извори од истрагата откриваат дека членовите на криминалната организација успеале да украдат 19 автомобили во последните три месеци. Откако првичната истрага не давала конкретни резултати, сепак криминалната група ѝ паднала во рацете на грчката полиција, по игра на случајот, кога во реонот на Полигирос, луксузно возило со романски документи, но со сменети таблички, кое било идентично како автомобилска марка и тип возило, било пријавено за украдено од туристички објект на Халкидики. Како возач во возилото бил фатен 37-годишен возач од Македонија.
Натамошната истрага на полицијата, по првичното апсење, резултирала со лишување од слобода на уште две лица, кои се обиделе да преземат друго украдено возило од соучесник што претходно го украл исто така од Халкидики. Ова возило било привремено скриено во реонот на Кожани, а намерата на уапсените била да го изнесат возилото од Грција.
Откако полицијата успешно го пронашла автомобилот, тој му бил вратен на сопственикот.
СЕКОЈ ИМАЛ ПРЕЦИЗНО УТВРДЕНА СВОЈА УЛОГА
Според истрагата, станувало збор за сериозна организираност на криминалната група, во која секој учесник имал своја улога. Во добро синхронизираната група, точно се знаело кој ја координирал целата операција, при што еден од нив бил задолжен да ги лоцира соодветните возила, трети реализирале упад во објектите каде што било посочено дека се оригиналните клучеви на возилата, при што нивна задача била да ги украдат само клучевите, додека други биле задолжени за безбедно изнесување на возилата од Грција во Македонија.
Но очигледно дека групата што била задолжена да ги украде клучевите сепак си дозволувала и дополнителна „активност“. Според истрагата, тие попатно, главно од туристичките објекти каде што биле сместени сопствениците на возилата, краделе и други вредни предмети, како скапи часовници, електронски уреди и друга стока, чија вкупна вредност се проценува на 60.000 евра.
Она што предизвика дополнително внимание, според пишувањето на грчките медиуми, е податокот дека членовите на криминалната група што имале улога да го возат украденото возило имале задача да го изнесат од грчка територија и да го пренесат во Македонија, за што користеле тајни премини. Токму овој податок, каде што се точно спомнати тајни премини, ја заинтригира јавноста, бидејќи останува дилемата дали се користеле старите шверцерски маршрути, познати од минатото, за кои се мислеше дека се напуштени или, пак, станува збор за каналите по кои се шверцуваат мигрантите, а кои се актуелни последниве години.
Седум возила веќе вратени на сопствениците
Се разбира, ова се прашања што дополнително треба да ги утврдат грчките истражни органи, а сигурно е дека нивните сознанија ќе бидат од големо значење и за македонските правосудни и безбедносни служби.
Во меѓувреме грчката полиција споделува само мал број информации, како онаа дека од досегашната истрага е утврдено дека уапсените заедно со нивните соучесници биле вклучени во 19 кражби на возила од различни области на Халкидики. Како што е соопштено, од украдените автомобили, седум биле пронајдени и вратени на нивните сопственици.
Според пишувањата на медиумите, другите возила, кои не се пронајдени, најверојатно се веќе изнесени од Грција.
Уапсените биле изведени пред јавен обвинител, а грчката полиција ја продолжува истрагата сѐ до конечно расчистување на случајот.