Овој период ќе има максимален надзор од пазарната инспекција. Буквално на сите маркети, дистрибутери, добавувачи и проиводители за да видиме каде има поголеми маржи и доколку има поголеми, неосновани маржи, да може да се намалат или да бидат на исто ниво со цел да не се зголемуваат цените, а со тоа да го заштитиме стандардот на граѓаните. Ова го изјави заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески при денешниот престој во Прилеп, во Центарот за вработување следејќи го текот на мерката за самовработување.
Ристески рече дека ова е договорено по средбата со маркетите во кабинетот на премиерот, а договорот опфаќа тие неосновано да не ги зголемуваат цените на производите.
-Се договоривме неосновано да не ги зголемуваат цените на производите. Договоривме дека овој период ќе имаме максимален надзор од пазарната инспекција. Македонија има најниски цени на Балканот и во Европа, меѓутоа, сѐ уште има простор за стапката на инфлација, која, исто така е најниска на Балканот иако малку е зголемена поради воениот конфликт, да оди надолу – изјави Ристески.
Ристески најави дека идната недела треба да има состанок со увозниците и дистрибутерите.
– Веќе наредната недела има најава за состанок со увозниците и со дистрибутерите на, барем, оние основни производи што се дистрибуираат во маркетите кои се потребни за едно просечно македонско семејство. Ако воениот конфликт заврши и цената на енергенските се нормализира, очекуваме инфлацијата да биде на ниво од 3 проценти – рече заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески при денешниот престој во Прилеп, пренесува МИА.

































