Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Фајненс тинк“ за најновиот „Макроекономски монитор“

Во вториот квартал од 2023, БДП се зголеми за 1,1 отсто на годишна основа (сезонски приспособен раст од еден отсто), што претставува забавување на економската динамика во однос на претходниот квартал. Иако растот на личната потрошувачка (1,6 отсто) е релативно солиден, но забавен, а бруто-инвестициите забележуваат помал пад од претходно (-1,2 отсто), забавувањето на вкупната економска активност главно е под влијание на намалувањето на извозната активност (-1,2 отсто), анализира институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, во најновиот „Макроекономски монитор“.
– Овој пад е во линија со забавената активност и негативните стапки на раст на економиите од главните трговски партнери. Сепак, секторски, само градежништвото забележа драматичен пад (-21,8 отсто), додека другите сектори растеа со слична или побрза динамика споредено со крајот од претходната и почетокот од годинава – пишува во истражувањето.
Од „Фајненс тинк“ велат дека јавната потрошувачка ја продолжи патеката на консолидација (-2,7 отсто), но буџетскиот дефицит во првото полугодие од годината изнесува 5,8 отсто од БДП, што е над годишната проекција од 4,6 отсто.
– Невработеноста во вториот квартал од 2023 изнесува 13,1 отсто, што е благо намалување во однос на претходниот квартал (13,3 отсто), рефлектирајќи присутна стагнација и на пазарот на трудот. Сепак, вработеноста благо се зголеми на 45,5 отсто од 45,1 отсто во претходниот квартал, додека активноста на пазарот на трудот на 52,4 отсто од претходните 52 отсто – велат од институтот.
Според анализите, во вториот квартал од 2023 година, инфлацијата забави на 11,2 отсто на годишна основа, од 16,1 отсто во претходниот квартал.
– Забавувањето е водено од спласнувањето на глобалните притисоци кај цените на енергијата и на повеќе групи храна, но со продолжени глобални ризици кај некои примарни производи. Додека базичната инфлација и понатаму покажува значајна упорност, што налага затегнатост на монетарната политика и внимателност на фискалната политика. Дополнително, одредени домашни ценовни притисоци сѐ уште се присутни во сегментот храна како одраз на корпоративни и трговски практики и налагаат мерки во доменот на политиките за заштита на конкуренцијата – се вели во истражувањето.
Тенденциите за забавена економска активност, очекувани во претходниот Макромонитор, пишува „Фајненс тинк“, веќе се материјализираа во вториот квартал од 2023 и се очекува да опстојат и во следните квартали. Економијата е под значаен ризик од понатамошно забавување. Оттаму тие ја намалија проекцијата за раст на БДП во 2023 на 1,7 отсто (од претходните 2 отсто), а проектираниот раст на цените благо се зголемува на 9,7 отсто. К.П.