Во театарот „Војдан Чернодрински“ при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп се интензивираат пробите за претставата „Ловец во ’ржта“ по истоимениот роман на Џ.Д. Селинџер, во режија на Мартин Кочовски. Претставата, според режисерот, ќе биде приказна, кратка историja на подемот и падот на индивидуата од средината на минатиот век до денес, со субjективна визиja за судбината на индивидуата во блиската иднина.
– Текстот е цивилизациски важен, популарен, оти обработува тема за невозможниот бунт на индивидуалецот против општеството. Тој бунт нема рок на траење. Затоа е интересен и текстот има оставено голем белег врз културата, особено поп-културата. Го одбрав театарот „Војдан Чернодрински“ да го поставам текстот поради квалитетот на актерската екипа, која може и знае да работи ваков текст и го докажува тоа во реалноста. Бунтот на една театарска екипа во општеството. Во овој театар се бориме да го артикулираме нашиот глас, во општество каде што тешко можеме да бидеме гласни, а ние сепак сме гласни. Публиката ќе види енергична, но наедно лирска и епска претстава, преполна со различни жанрови – вели Кочовски.
Драматизацијата е на Лидија М. Ѓорѓиевска, за сценографијата е задолжен Филип Јованоски, за костимите Јулијана Војкова, за музиката Пеце Трајковски-Брада, а учествуваат и Давид Скерлевски и Ана Митоска. Во претставата, поддржана од Министерството за култура и туризам, ќе игра поголемиот дел од ансамблот на театарот, а премиерата ќе се случи на крајот од оваа театарска сезона, во средината на јули. Ка.М.