Претставата „Кокошка“, во продукција на независниот театар „Вортекс“ и копродукција со „Театар комедија“, ја освои Специјалната награда од „Кољада тиатар“ од стручното жири составено од истакнати театарски уметници на 19. Меѓународен фестивал на современа драматургија, кој се одржа во Екатеринбург, Русија. Со ова признание, претставата ја доби препознатливата фестивалска награда „Метална комета“, во конкуренција на 28 театарски продукции. Независниот театар „Вортекс“ е колектив посветен на современата изведувачка уметност, интердисциплинарната соработка и на општествено ангажираниот театар.
– Специјалната награда на фестивалот се доделува во форма на метална ѕвезда со опашка – симболично наречена „Метална комета“, заедно со голем клинец, според идејата дека „кометата треба да се заковa за ѕидот за да не одлета“. Автор на овој препознатлив фестивалски симбол е сценографот Владимир Кравцев. Фестивалот „Кољада плејс“ е еден од најзначајните и највлијателни театарски фестивали во Русија и пошироко во Источна Европа, основан во 2008 година од рускиот драмски автор, режисер и педагог Николај Кољада, една од клучните фигури на современата руска драматургија. Неговите текстови се поставувани на сцени низ Европа, а фестивалот со години претставува важна платформа за нова драматургија, авторски театар и меѓународна размена на современи сценски практики – велат од „Вортекс“.
„Кокошка“ е работена по текст на драмскиот автор Николај Кољада, а режијата ја потпишува Теодора Силјаноска. Во претставата настапуваат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева. Костимографка е Марија Пупучевска, соработник за сценско движење Дарко Велиќ, изборот на сценографијата и музиката е на Теодора Силјаноска, а дизајнот на плакатот го изработи Михаил Велески.
Претставата го истражува копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сè постуден и поапатичен. Низ апсурд, импровизација и секојдневни ситуации, ликовите создаваат жив театарски чин како обид да се соочат со внатрешниот хаос и нарушените општествени вредности. „Кокошка“ е приказна за младоста – немирна, искрена и гладна за промени, која се судира со стравот, рамнодушноста и затворените системи. Како џез-импровизатори, ликовите играат против непредвидливото, барајќи простор за надеж, слобода и за човечност. В.Д.