Денеска завршува мерката за самовработување од Оперативниот план. Досега на ниво на Македонија, се пријавиле над 5.000 лица кои сакат да ги искористат мерките од Владата. Мерката самовработување е една од најатриктивните мерки изјави заменик министерот за економија, Марјан Ристески.
– Постои голем интерес кај невработените млади, а аплицираа лица кои имаат завршено средно образование. Бројката ќе биде иста како и минатата година. Имено има 2.002 апликации на млади до 29 години, 1.779 над 29 години и за ДОО 1.204 лица. Оние кои ќе имаат нјадобри бизнис планови влегуваат во изборот. Имено со самовработувањето лицата до 29 години можат да користат грант од 10.000 евра, над 29 година до 7.000 евра, а ако се здружат две млади лица до 20.000 евра, а над 29 години – 14.000 евра. Новитет годинава е што можат да аплицираат и повратници од странство, кои можат да добијат плус 10 проценти бонус. Одлично се одвива процесот на ниво на Македонија, но најзаинтересирани се прилепчани за користење на мерките – вели Ристески, посочувајќи дека од идната недела ќе стартува и другата мерка од Оперативниот план – Програмата за помош на правни субјекти за вработување на млади лица.
Од Владата велат дека очекуваат да се намали невработеноста, која е на најниско ниво во последните 30 години, да има развој на економијата и да се задржат младите работоспособни лица – тука, во земјата.
Од ИНОВА, (Агенцијата за иновации, научно технолошки развој и претприемништво) која е партнер во реализацијата на проектот, истакнуваат дека има прашалник што се потоплнува до Агенцијата за вработување, по што потоа се добиваат лозинки и лозинки преку кои апликантите можат да комуницираат со советниците од Агенцијата за изработка на бизнис планот.
– Апликантите зааедно со нив ги изработуваат плановите, а потоа се оценуваат и се доставуваат до Агенцијата за вработување и се носи конечната одлука за земање на грант и започнување на сопствен бизнис. Апликантите посетуваат и обука, а потоа имаат и менторска помош. Има ефект од процесот на самовработувањето. Речиси 80 проценти има успешни бизниси кои опстојуваат – рече Даниела Димовска, директор на ИНОВА.
Виолета Димоска, директор на прилепскиот Центар за вработување, истакна дека бројот на апликанти за самовработување е зголемен во однос на минатата година.
– Лани имавме 294 апликации, од кои 158 беа одобрени за 135 бизниси. Сега бројката на апликанти изнесува 316 до денес, од кои пет апликации се од лица кои се вратиле од странство и сакаат да градат иднина во државата. Главно интересот е најголем за бизниси во услужни дејности и има дел за производство и дообработка и во ИТ сектор – вели Димоска.
Николче Везенкоски од Кривогаштани, кој учестувал на ланскиот повик за самовработување, вели дека оваа мерка е доста добра.
– Заедно со содружник отворивме ресторан за брза храна и одлично ни оди. Ги охрабрувам младите да ги користат мерките – изјави тој.
Апликантот Милена Конеска Милошеска, рече дека по 15 годишно работно искуство решила да се пријави на проектот, со цел да се формира сопствен бизнис.
-Мојата идеја е формирање на мултифукнционален едукативен центар за развивање на вештини на иднината. Го спојувам моето искуство, со едукација на деца, да решаваат загатки, со што ќе се развие логичното размислување и ќе се стекнуваат вештини и учество во тимска соработка. Иако овој тип на едукација постои од порано, во Прилеп ќе биде нов начин на едукација, кој ќе можат да го користат и повозрасни граѓани – изјави Милена, истакнувајќи дека првично е добар поттик за самовработување, кој може да се развива.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, посочи дека прилепчани се иновативни, кретивни и сакаат да отвораат сопствени бизниси.
– Верувам дека апликантите ќе добијат средства да отворат сопствен бзинис и со тоа ќе се подобри пазарот на трудот и ќе се намали стапката на невработеноста во градот. Очекувам Прилеп во иднина да има нула проценти на невработеност – вели Проданоски. Ка.М.

































