Собранието денеска ги донесе Законот за парнична постапка во второ читање и измените на Законот за судовите, по скратена постапка.
Новиот Закон за парнична постапка, кој беше донесен со 84 гласа „за“ и 9 „против“, претставува еден од клучните реформски чекори во насока на унапредување на правосудниот систем и негово усогласување со современите европски стандарди.
Со новите законски решенија се создаваат услови за побрзи, поефикасни и поквалитетни судски постапки, како и за поголема правна сигурност и подобра заштита на правата на граѓаните и правните лица.
Законот предвидува зајакнување на улогата на судот во утврдувањето на фактичката состојба, воведување современи дигитални алатки во работењето на судовите, како и поедноставување и забрзување на постапките, особено кај споровите од помала вредност.
Меѓу значајните новини е и можноста за електронска достава на писмена и одржување на судски рочишта преку електронски средства, со што дополнително ќе се намалат трошоците и времетраењето на постапките.
Законот воведува и претставнички тужби за заштита на колективните интереси и права, со што се проширува пристапот до правда и се создаваат нови механизми за правна заштита на граѓаните.
Воедно, предвидени се поправедни и попропорционални санкции во текот на постапките, а законските решенија се усогласени со останатите системски прописи со цел обезбедување кохерентен, функционален и предвидлив правен систем.
Со изгласаните измени на Законот за судовите се дава законска можност за зголемување на старосната граница од 60 на 67 години за избор на судии–поротници, со што се придонесува кон обезбедување непречено и ефикасно функционирање на судските совети, се зајкнува кадровската стабилност, континуитетот во работењето на судовите и ефикасноста во спроведувањето на судските постапки, пренесува МИА.



































