Кириите за стан од 50 квадрати, скокнаа од 300 на 450 евра: Белград

Србија

Подготвил: Mарјан Велевски

Од почетокот на конфликтот во Украина, забележливо е доаѓањето на голем број Руси во Србија, пред сѐ во Белград, а откако Владимир Путин нареди делумна мобилизација, во следните две недели се очекува во Србија да пристигнат уште околу 4.000 Руси.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека од почетокот на конфликтот во Украина, на 24 февруари, во Србија пристигнале нешто повеќе од 12.000 Руси, од кои 6.500 добиле работни дозволи и се пријавиле да работат во фирми кај нашиот северен сосед. Таа за ТВ Пинк изјави дека на 3.500 руски државјани им е одобрен престој во Србија „по основа на обединување на семејството, а 1.800 од нив се во процес на добивање работна дозвола“. Според премиерката, Србија „останува отворена земја“.

Доаѓањето на толкав број странци создава дополнителни проблеми во Белград, но и во Србија, особено ако се земат предвид предвидувањата дека тие дополнително ќе ги зголемат цените за издавање станови во главниот град. Експертите за недвижности за порталот Нова.рс велат дека сѐ уште е рано да се даваат процени, неофицијално се информирани за голем број руски државјани што од средата доаѓаат во Србија, а сопствениците на приватни имоти веќе забележуваат разлика.

Во претходниот бран беше забележано дека киријата за стан од 50 квадрати, на пример, пораснала од 300 на 450 евра, што претставува голем проблем за Србите што живеат како кираџии, бидејќи сопствениците на становите условиле многу од нив да мораат да платат повеќе или да се иселат од становите, за сопствениците да можат да им го изнајмат тој простор на Руси или на Украинци, кои исто така пристигнаа овде со почетокот на конфликтот, а се побогати.

Цената на двособните станови на месечна основа е околу 600 евра, па дури и повеќе, а трисобните станови чинат 1.000 евра. Цените за изнајмување зависат од локацијата, бројот на катови, опремата, но за оние локации во главниот град што се најинтересни за Русите, цените се движат и до 3.000 евра.

Во моментов има околу 7.000 слободни имоти во Белград на веб-страницата за огласи Sasomange.rs, а во цела Србија, вклучувајќи го и главниот град, таа бројка е околу 9.000. Катарина Кузмановиќ, шефица за недвижности на огласите Sasomange.rs, изјави дека има тренд на раст на цените по коронавирусот, како и дека побарувачката ја зголемува цената на киријата.

Доколку Русите продолжат да доаѓаат, сигурно е дека повторно ќе има зголемување на цените на изнајмувањето на недвижностите. Цените сигурно ќе пораснат. Оние пристигнувања во тој прв бран не прашаа колку чини. Најпопуларни се Белград и Нови Сад, другите градови се помалку – објаснува Кузмановиќ.

Таа додава дека цените тогаш отишле над 100 отсто, како и дека најбарани локации кај Русите и Украинците биле центарот на градот, Врачар, Белград на вода, Дедиње, Нов Белград, т.е. околината на „Хајат“ и Блок 65, како и Баново Брдо.

Буквално се наддаваше, кај сопственикот дојдоа Русин и Србин и Русинот не праша за цената, тој прифати сѐ. Многу наши граѓани не можат да си дозволат да платат толку колку што плаќаат Русите. Русите изнајмуваат станови за месечна кирија од 500 до 1.500 евра, а понекогаш и повеќе. Изнајмуваат и големи станови и куќи – вели таа.
Кузмановиќ истакна и дека многу станодавци почнале да го објавуваат текстот на огласот на руски јазик, што претходно не било случај.

Друг сопственик на агенција за недвижности, пак, вели дека напливот на руски граѓани не престанува од март. Порталот Нова.рс прави споредба на цените за изнајмување станови пред и по првото „големо доаѓање“ на Русите. Така, според оваа компаративна анализа, оние станови што претходно се изнајмувале за 300-400 евра, сега достигнуваат цена од 450-500 евра, додека оние што чинеле 700-800 евра месечно, сега чинат 1 000 евра.