Фото: Пиксабеј

Хрватска воведува задолжителни здравствени прегледи за државјаните на земјите на кои им е потребна виза за влез во Хрватска, односно во Шенген-зоната, како услов за продолжување на привремениот престој, пренесе МИА.

Одлуката, донесена од Министерството за здравство со цел заштита на јавното здравје, се однесува на странски државјани од земји како Индија, Непал, Бангладеш, Пакистан, Филипини и Египет, кои веќе имаат одобрен привремен престој во Хрватска и бараат негово продолжување.

Прегледите ќе се извршуваат во јавните здравствени установи според местото на живеење или во Хрватскиот институт за јавно здравје, најдоцна 90 дена пред поднесување на барањето за продолжување на престојот.

Здравствениот преглед ќе опфати епидемиолошка анамнеза, рендгенска снимка на граден кош, лабораториски анализи на крв и столица, како и проверка на вакциналниот статус. Целта е да се исклучи присуство на активна туберкулоза, бактерии што предизвикуваат тифус и паратифус, како и инфекции со ХИВ, хепатитис Б и хепатитис Ц.

Според новите правила, лицата помлади од 35 години кои немаат доказ за вакцинација против мали сипаници, детска парализа, дифтерија и тетанус ќе мора да се имунизираат. Дополнително, сите што работат во здравствениот сектор ќе бидат обврзани да примат вакцина против хепатитис Б.

Трошоците за задолжителните здравствени прегледи ќе ги сносат самите апликанти, додека вакцинацијата ќе биде покриена од Хрватскиот завод за здравствено осигурување.

Според официјалните податоци, во првите шест месеци од годинава Хрватска издала повеќе од 94.000 дозволи за престој и работа на странски работници. Најголем број од нив доаѓаат од Босна и Херцеговина и Србија, чии државјани не подлежат на визен режим за влез во Шенген-зоната. Во моментов во Хрватска престојуваат меѓу 80.000 и 90.000 работници од земји за кои е потребна виза, најмногу од Непал и Филипини.