Премиерот Христијан Мицкоски очекува до крајот на оваа недела водата во Гостивар да биде технички исправна, а доколку сите активности се одвиваат според планот, кон крајот на следната недела да биде и безбедна за пиење.
Одговарајќи на новинарско прашање при пуштањето во употреба на реконструираниот градски базен во Кавадарци, Мицкоски изјави дека во решавањето на проблемот се ангажирани екипи од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, како и стручни експерти.
– Доколку сè се одвива според предвидената динамика, до крајот на оваа недела ќе имаме технички исправна вода. Потоа ќе следува целосно плакнење на водоводниот систем, за да се обезбеди вода со соодветно ниво на хлор, најпрво за техничка употреба, а планот е кон крајот на следната недела да биде безбедна и за пиење – рече премиерот.
Тој нагласи дека активностите на терен продолжуваат, иако, како што рече, состојбата во општината претставува дополнителен предизвик.
– Иако ова не е директна надлежност на Владата, ќе направиме сè што е во наша моќ системот што побрзо да профункционира и повторно да биде ставен во целосна употреба – истакна Мицкоски.































