Фото: Принтскрин

Владата подготвува нов пакет мерки поради континуираниот раст на цените на горивата, а меѓу опциите што се разгледуваат е и повторно намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ), најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека Владата внимателно ја следи состојбата на светските пазари, каде што цената на суровата нафта повторно се приближува до психолошката граница од 100 долари за барел, додека воените дејства во регионот на Персискиот Залив дополнително ја зголемуваат неизвесноста.

 – Веќе презедовме мерки со намалување на дел од акцизите за бензинот и дизелот, но поради растот на цените на светските берзи очигледно повторно нè очекуваат предизвикувачки денови. Владата ќе интервенира со дополнителни мерки, а во тек се анализи дали тие ќе бидат таргетирани или ќе важат за сите, како што беше претходно – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека поради прогласената кризна состојба на целата територија на државата до октомври, Владата располага со сите потребни законски механизми за брзо донесување на нови мерки.

Одговарајќи на прашање дали е можно повторно намалување на ДДВ за горивата, премиерот рече дека и таа опција е на маса, иако би имала директно влијание врз буџетските приходи.

 – Намалувањето на ДДВ е една од опциите. Тоа е можеби најмалку посакувана мерка затоа што директно влијае врз приходите во Буџетот, но за нас најважен е животниот стандард на граѓаните. Кога е потребно, Владата ќе преземе чекори за да им помогне – истакна Мицкоски.

Премиерот овие изјави ги даде при пуштањето во употреба на реконструираниот градски базен во Кавадарци.