Фото: Пиксабеј/илустрација

Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе обвинителен предлог и побара определување мерка притвор за лице осомничено за кривичните дела „Телесна повреда“ и „Загрозување на сигурноста“, сторени во услови на семејно насилство.

Според Јавното обвинителство, ноќта меѓу 18 и 19 јули, по вербална расправија во семејниот дом околу тестаментот што го потпишала мајката на оштетената, обвинетиот најпрво ја навредувал својата сопруга, а потоа физички ја нападнал.

Тој, како што се наведува, ја удирал со тупаници и клоци по главата и телото, при што ѝ нанел повеќе крвни подливи.

Следната вечер, откако жената го пријавила случајот во полиција и заминала во домот на својата ќерка, обвинетиот испратил заканувачка СМС-порака на телефонот на ќерката.

Во пораката навел дека, доколку сопругата не се врати дома, купил 10 литри бензин и ќе ја запали куќата. Со заканите, според Обвинителството, кај оштетените предизвикал чувство на страв, несигурност и загрозеност.

Јавниот обвинител побарал притвор, имајќи предвид дека осомничениот и претходно бил осуден за кривичното дело „Загрозување на сигурноста“ и му била изречена условна казна затвор од три месеци, при што рокот на проверка од една година сè уште трае.