Граѓаните на Хрватска први во регионот ќе го имаат дигиталниот пасош. Хрватите се дел од проектот чија цел се олеснување на патувањата и зголемување на безбедноста на патниците со помош на најновите технологии
Хрватска меѓу првите земји во светот тестира дигитален пасош
Хрватска и Финска се првите членки на Европската Унија што развиваат и реализираат проекти за воведување дигитални патни исправи. Од минатиот викенд на сите заинтересирани граѓани од Хрватска им беше понудена можноста да го преземат дигиталниот пасош во мобилна апликација и да истражат како ќе изгледа патувањето во иднина. Дигиталниот пасош ќе им овозможи на граѓаните однапред да го најават пристигнувањето во некоја земја, со што максимално ќе се скрати времето на чекање, ќе се олесни патувањето и ќе се подобри безбедноста на патниците.
Граѓаните на Хрватска први во регионот ќе го имаат дигиталниот пасош
Граѓаните на Хрватска (заедно со граѓаните на Финска) се дел од пилот-проектот чија цел е олеснување на патувањата и зголемување на безбедноста на патниците со помош на најновите технологии. Планот е сите земји-членки на Европската Унија да преминат на дигиталниот пасош до 2030 година. Така, наместо со пасош, граница ќе ја минуваат со мобилен телефон.
Според замислата на проектот, ако некој сака да патува во одредена земја, преку мобилна апликација само ќе најави кога ќе го реализира патувањето и со тоа на граничниот премин ќе го скрати времето потребно за класичната процедура и пасошка контрола. Податоците за патникот на граничните служби ќе им бидат достапни преку неговиот телефон.
Проектот во Хрватска го спроведуваат Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за комерцијална дејност. Во наредниот период ќе се спроведат голем број тестови за да се утврди функционалноста на проектот.
Дигитализираните податоци зачувани во чипот на e-пасошот се идентични со податоците испечатени во пасошот што граѓанинот физички го поседува. И врз основа на тоа може да се изврши идентификација на патникот. Во Хрватска е подготвена и мобилна апликација, која може да ја има секој граѓанин што поседува документ за лична идентификација со чип. Тој ќе може преку неа да го докажува својот идентитет. Европската комисија одобри финансирање од 2,3 милиони евра.
Целта на дигиталниот пасош е во иднина, наместо пасошот во физичка форма, да биде доволен единствено мобилниот телефон односно соодветна апликација. Идентификацијата на аеродромите би се одвивала со проверка на податоците и со фотографирање на патниците при влезот во авионите. Во првата фаза од проектот што се спроведува во Финска класичните пасоши сѐ уште ќе бидат неопходни. Патникот би се фотографирал, но неговите податоци би можеле да бидат скенирани и со затворен пасош. Во следната фаза податоците би биле скенирани само од неговиот мобилен телефон. Намалувањето на времето за проверка на патниците барем и минимално би значело помали колони на граничните премини и помалку доцнења.
Мобилната апликација Сертилија е технолошката основа за користење на
дигиталниот пасош во Хрватска
Технолошката основа за користење на дигиталниот пасош во Хрватска е мобилната апликација Сертилија, која граѓаните веќе ја користат за дигитална потврда за идентитетот. Апликацијата Сертилија ги има сите претпоставки за идниот дигитален паричник на ЕУ и овозможува идентификација на корисниците на највисоко безбедносно ниво.
Активацијата на дигиталниот пасош е едноставна. Доволно е да се додаде дигиталниот пасош во постојната апликација Сертилија, која може да се преземе онлајн. Потребно е да се поседува електронска лична карта регистрирана во апликацијата за да се активира дигиталниот пасош.
Во првата фаза од тестирањето услугата ќе биде достапна на сите телефон со Андроид, додека верзијата за ИОС се очекува до крајот на годината.
Измените во патните исправи беа поттикнати од ИТ-индустријата за време на екот на пандемијата на коронавирусот. Првичните замисли биле ИТ-индустријата и владите на дел од државите во ЕУ да го олеснат патувањето особено преку аеродромите без дополнително време за задржување. Тоа иницирало разни решенија, но Европската Унија се движи кон стандардизација на еден вид дигитален пасош.
Тестирањето на првиот дигитален пасош на ниво на ЕУ се одвива во Финска, а Унијата сака најмалку 80 отсто од нејзините граѓани, во 27 земји, да користат дигитален документ за идентификација до 2030 година. Пилот-програмата, која започна на крајот на август, засега е достапна само за граѓаните на Финска, а се спроведува на аеродромот во Хелсинки, во соработка меѓу Финаир, аеродромскиот оператор „Финавија“ и финската полиција.
Покрај шестмесечното тестирање во Хелсинки, Унијата планира и други пилот-програми, конкретно за загрепскиот аеродром „Фрањо Туѓман“ и аеродромот „Шипхол“ во Амстердам.
Ангел Митревски, дописник на „Нова Македонија“ од Хрватска