Илустрација /Фото: Игор Бансколиев

Аналитичарите од Секторот за борба со спортско насилство веќе два дена знаеја дека најмалку 100 хрватски хулигани на Динамо Загреб ќе пристигнат во Атина во договор со навивачите на Панатинаикос и за тоа писмено ги известиле сите надлежни служби на грчката полиција, но на крајот не успеаја да ја спречат трагедијата пред стадионот на АЕК, пишува грчкиот информативен портал „Њузит“, јави дописничката на МИА од Атина.

Дел од грчките медиуми, меѓу кои и„Њузит“, објавија два документа од Секторот за борба со спортско насилство, едниот со датум 6 август, а другиот ден подоцна.

Во првиот документ, пишува дека според Хрватската служба за разузнавање за натпреварот се очекува во Грција да отпатуваат околу 150 навивачи на Динамо Загреб, а според веродостоен извор на Секторот за борба со спортско насилство, „групата брои околу 100 лица и ќе биде сместена во различни Ербиенби апартмани во координација со навивачите на Панатинаикос, со кои се збратимени и имаат одлични односи и комуникација“.

Следниот ден, односно вчера во втор информативен билтен е наведено дека навивачите на АЕК организираат собир во 19 часот пред стадионот „под изговор дистрибуција на сезонски билети“.

Грчката полиција била информирана и од црногорските власти за, како што пишува во дописот од Подгорица до Атина, „потенцијално пристигнување на 100-200 ризични фанови, членови на организираната група на Динамо Загреб, Bad blue boys“.

Во дописот испратен вчера наутро, кој исто така го објавија грчките медиуми, црногорските власти не само што ги информираат грчките колеги за групата, туку и детално ги наведуваат возилата на Хрватите, односно марките и регистарските таблици на 22 хрватски автомобили.