Косово

Косовската полиција спроведува голема акција за запленување уреди што се користат за т.н. копање криптовалути, откако пратениците во Собранието на Косово на крајот од минатиот месец донесоа вонредни мерки поради енергетската криза. Како што јавуваат косовските медиуми, за две недели косовските власти заплениле дури 429 уреди за ископување криптовалути и привеле над дваесет лица поради сомневање дека нелегално трошеле големо количество струја за производство на дигитални пари.
Имено, акцијата се спроведува веќе неколку дена, а властите најавија немилосрдно справување со големите индивидуални потрошувачи на струја во земјата.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи на Косово не одговори на прашањата на медиумите за тоа како да се идентификуваат лицата што се вклучени во копање на криптовалутите.
Од друга страна, експертот за сајбер-безбедност Дријат Елшани во изјава за медиумите објаснува дека постојат различни начини да се идентификува производството на криптовалути.
– Идентификацијата може да се направи преку соработка со граѓаните, потоа преку активности за следење на интернет. Преку интернет-провајдерот можно е да се открие сообраќајот што се прави и користи за ископување криптовалути, бидејќи овие уреди користат специјални мрежни протоколи, кои трошат големи количества електрична енергија – наведува Елшани.

Подготви: Дејан Србиновски