Европската комисија целосно го поддржува германско-францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина, изјави денеска во Берлин претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
– Дијалогот е неопходен и ги повикуваме двете страни да постигнат напредок – рече Фон дер Лејен на крајот од самитот на Берлинскиот процес на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц и албанскиот премиер Еди Рама.
Таа нагласи дека е неопходно да се забрза процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската унија, но оти овој процес мора целосно да се заснова на заслуги и дека нема „ригидна временска рамка“.
– Колку побрзо се спроведат реформите, толку побрз ќе биде процесот на пристапување, и обратно, без спроведување реформи, процесот ќе се забави – рече претседателката на ЕК.
Новата методологија на пристапните преговори, додаде таа, има за цел да го забрза процесот доколку постои подготвеност да се работи напорно на основните прашања на владеењето на правото и принципиелните вредности на ЕУ.
– Во овој момент го чувствуваме ветерот на промени и поради геополитичката ситуација важно е да се турка пристапниот процес на Западен Балкан. Сакаме нашите пријатели да бидат во ЕУ – рече Фон дер Лејен.
Покрај процесот на проширување на ЕУ, фон дер Лејен ја истакна важноста на берлинскиот процес, чија цел, како што рече, е продлабочување на економската интеграција.
– Регионалната интеграција и развојот на заедничкиот регионален пазар се многу важни за интеграцијата на регионот во единствениот пазар на ЕУ – рече Фон дер Лејен, нагласувајќи ја важноста на трите регионални договори што денеска ги потпишаа премиерите на шесте земји од Западен Балкан за постигнување на тие цели.
Германскиот канцелар рече дека зајакнувањето на регионалната соработка е клучно за забрзување на процесот на проширување и дека билатералните спорови меѓу земјите од Западен Балкан мора да се решат.
– Србија и Косово мора да постигнат договор и ние и француската влада и ЕК правиме се за да го овозможиме тоа – рече Шолц и додаде дека активни разговори се во тек со двете страни.
Шолц изрази надеж дека двете страни ќе постигнат разбирање и оти наскоро ќе може да се види позитивен исход.
Германскиот канцелар уште еднаш ја истакна својата принципиелна поддршка за прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
– Местото на тие шест земји од Западен Балкан е во ЕУ. Тие се дел од Европа и дел од европското семејство. Затоа сум за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан – рече Шолц.
Берлинскиот процес, додаде тој, е многу важен за успехот на процесот на проширување, кој доби дополнително значење по нападот на Русија врз Украина.
Премиерот на Албанија, кој ќе биде домаќин на следниот самит на Берлинскиот процес, рече дека Србија и Косово имаат одлична можност да го решат спорот и изрази надеж дека двете страни ќе разберат дека е време на тоа да гледаат како „важен придонес кон целата европска безбедносна архитектура“.
Рама оцени дека Берлинскиот процес се покажал како добар и ефикасен кога станува збор за политичко разбирање и зајакнување на чувството за припадност на истиот простор.
– Сега е време да го направиме процесот поконкретен, поконзистентен, да дадеме одговори на прашања како што се одливот на мозоци, подобри плати, подобар квалитет на живот – рече Рама.
Според него, соработката меѓу ЕУ и Западен Балкан денес е на сосема поинакво ниво, а просторот за дијалог, разбирање и заеднички напори е многу зголемен.
Рама посочи дека земјите од Западен Балкан мора да си ја завршат домашната задача за да станат членки на ЕУ и дека тоа не треба да се менува.
– Потребна ни е работа за да станеме полноправни членки, работа што ги подобрува нашите перформанси и ги прави нашите земји функционални демократии. Не ни требаат попусти – рече Рама.