САД, В. Британија и ЕУ со заеднички сили во спорот Србија – Косово

Меѓународната заедница се обидува да најде решение за косовскиот проблем преку интензивна дипломатска активност во која се вклучени европски и американски посредници. Така, специјалниот пратеник на британската влада за Западен Балкан, Стјуарт Пич, вчера беше во посета на Белград, да разговара со највисоките претставници на Србија. Тој одвоено се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ, со премиерката Ана Брнабиќ и со министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ. Теми на разговор беа состојбите на Западен Балкан, со акцент на процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и билатералната соработка. Пич дојде во Белград дванаесет дена по посетата на Косово, каде што, меѓу другото, разговараше со премиерот Албин Курти и со претседателката Вјоса Османи за предизвиците на Западен Балкан и влијанието на Русија.
Минатата недела Приштина и Белград ги посети советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шол, придружуван од заменикот на помошник-државниот секретар на САД, Габриел Ескобар.
Ескобар на крајот на неделава повторно доаѓа во Приштина и во Белград, но овој пат со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак. Целта на посетата меѓу Лајчак и Ескобар е да се подготви за следната рунда од дијалогот на највисоко ниво во Брисел, односно средбата меѓу Вучиќ и Курти.
Се очекува наскоро и специјалните пратеници на францускиот претседател и на германската канцеларка, Емануел Бон и Јенс Плетнер, да ги посетат Белград и Приштина, но засега не се знае дали ќе дојдат заедно со Лајчак и Ескобар. Бон и Плетнер, советници на Емануел Макрон и на Олаф Шолц, во септември 2022 година им го доставија на Вучиќ и Курти таканаречениот француско-германски предлог за нормализација на односите, кој беше усвоен од ЕУ.
Претставниците на Европската Унија редовно велат дека се подготвени да свикаат состанок во секое време кога за тоа се подготвени српскиот претседател и косовскиот премиер. Тензиите на северот на Косово беа зголемени минатиот месец, кога етничките Срби поставија блокади на патиштата поради апсењето на поранешен полицаец етнички Србин.