Хрватска и Словенија се договорија за заедничка екСплоатација на нуклеарната централа

Нуклеарната централа „Кршко“ (НЕК), во косопственост на „Хрватското електростопанство“ (ХЕП) и словенечката „ГЕН енергија“, ќе може да работи уште 20 години, до крајот на 2043 година. Како што пренесуваат хрватските медиуми, така одлучило словенечкото министерство за заштита на животната средина и просторно планирање, кое издало одобрение за продолжување на работата на нуклеарната централа.
Во ХЕП посочуваат дека оваа одлука „има стратегиско значење, како за ’Хрватското електростопанство’, како 50 отсто косопственик на НЕК, така и за целиот хрватски енергетски сектор, од економски, енергетски и еколошки аспект, особено во околностите на актуелната енергетска криза“.
Нуклеарната централа „Кршко“, која беше пуштена во употреба во 1983 година, произведува просечно 5,6 милијарди киловат-часа електрична енергија годишно, што е еднакво поделено меѓу Хрватска и Словенија. Тоа значи дека НЕК годишно покрива околу 20 отсто од потребите на Словенија и околу 16 отсто од потребите на Хрватска за електрична енергија.
ХЕП истакнува дека во 2022 година хрватскиот дел од производството од НЕК изнесувал 2,65 TWh, што претставувало 14,42 отсто од вкупната достапна електрична енергија во Хрватска. На крајот на оваа година се очекува НЕК да произведе повеќе од шест милијарди kWh електрична енергија.
Процесот на добивање согласност бил, како што се наведува, долг и исклучително сложен. Голем број научни институции од Хрватска и од Словенија учествуваа во подготовката на документацијата, анализите и стручните евалуации, како и во подготовката на оцената на влијанието врз животната средина и прекуграничната процена на влијанието врз животната средина на соседните земји – Хрватска, Италија, Унгарија, Австрија, а дополнително и Германија.
Според достапните информации, освен договорот за заштита на животната средина, услов за продолжување на работата на НЕК било успешно завршување на модернизацијата и зголемување на безбедноста на електроцентралата, што е исполнето со заклучокот на Програмата за модернизација на нуклеарната безбедност.