На првиот ден од Светскиот економски форум во Давос дојдоа предупредувања од учесниците дека светот се наоѓа пред долга и тешка трансформација, која ќе трае неколку години. Оцените се дека годинава економијата ќе биде под екстремен стрес поради високата инфлација, енергетската криза и други нарушувања во снабдувањето предизвикани од војната во Украина, што ќе доведе до глобална рецесија. Вака искажаните прогнози од Давос се најпесимистичките предвидувања за глобалниот економски раст во периодот од пред 12 години

Прогнози од форумот во Давос
за светската економија во 2023 година

На првиот ден од Светскиот економски форум во Давос дојдоа предупредувања од учесниците на форумот дека годинава, веројатно, ќе дојде до глобална рецесија. Економските, еколошките, социјалните и геополитичките кризи се спојуваат, создавајќи крајно разновидна и неизвесна иднина, порачува Клаус Шваб, основачот на Светскиот економски форум, на почетокот од годинашниот состанок во Давос, на кој голем број глобални политички и бизнис-лидери, познати личности и општествени активисти се обидуваат да најдат одговори за излез од глобалната криза во која се најде светската економија. Оцените се дека и годинава економијата ќе биде под екстремен стрес поради високата инфлација, енергетската криза и други нарушувања во снабдувањето предизвикани од војната во Украина и од ковид-19 во Кина.
Според Шваб, глобалниот систем оди во повеќегодишен период на трансформација и дека кризата во која се наоѓа светот е помалку криза во вообичаена смисла, а повеќе трансформација на „нашиот глобален систем“.
– Ако ја земеме економската страна, би рекол дека ќе поминеме низ многу тежок период на трансформација од три, четири, пет години. А силите зад ова? Па дури и ако ја решиме војната во Украина, тоа ќе биде реконструкција. Имате трансформација или транзиција на енергија. Имате преобликување на глобалните синџири на снабдување. Ги имате постковид-ефектите, за кои некои велат дека се помала продуктивност и, се разбира, потребата да се инвестира повеќе во отпорноста. При нарушени синџири на снабдување, тоа значи дека имате трошоци, бидејќи не купувате од најевтиниот и најефикасниот, туку од најдоверливиот извор – рече Шваб.
Две третини од главните економисти во приватниот и во јавниот сектор што беа анкетирани од Светскиот економски форум очекуваат рецесија во 2023 година, изјави организаторот на настанот во Давос.

– Моменталната висока инфлација, нискиот раст, високиот долг и високата фрагментација на опкружувањето ги намалуваат намерите за инвестиции, кои се потребни за враќање на растот и за подигање на животниот стандард кај најзагрозените жители во светот – изјави Саадиа Захиди, извршната директорка на СЕФ, презентирајќи ги резултатите од анкетата во кои беа вклучени економисти од меѓународни агенции, вклучувајќи и од ММФ, инвестициските банки и мултинационалните компании и агенции за реосигурување.
На првиот ден од Светскиот економски форум во Давос дојдоа предупредувањата од директорите на корпорациите и економистите дека годинава, веројатно, ќе дојде до глобална рецесија. Од 4.410 директори што биле анкетирани во октомври и во ноември минатата година, 73 отсто предвидуваат пад на глобалниот раст во следните 12 месеци.
– Овие темни прогнози се најпесимистичките предвидувања за глобалниот економски раст во периодот од пред 12 години. Тоа значително отстапува од оптимистичките прогнози за 2021 и 2022 година, кога две третини од анкетираните сметале дека ќе дојде до подобрување на економската клима – се наведува во соопштението на ревизорско-консултантската компанија „ПвЦ“.
Од бизнис-заедницата најмногу се загрижени за инфлацијата, макроекономската нестабилност и геополитичкиот конфликт. Војната во Украина и зголемената загриженост поради геополитичките жаришта во светот ги принудија деловните лидери да ги преиспитуваат различните аспекти на деловните модели. Половината од испитаниците одлучиле да го зголемат нивото на вложување во сајбер-безбедноста или заштитата на приватноста, потоа следуваат инвестициите во подобрување на синџирите за снабдување, проверката на пазарното учество или освојувањето нови пазари, како и за планови за диверзификација на понудата на производите и услугите. Моменталната економска состојба во светот влијаеше на одлуките на компаниите во намалување на трошоците и во поттикнувањето на растот на приходите. Околу 52 отсто од анкетираните компании ги намалиле трошоците на работењето, додека други компании се одлучиле и за зголемување на цените. Како оптимистички се гледа на тоа што околу 60 отсто од компаниите не планираат да го намалат бројот на вработените во следните 12 месеци. Повеќето менаџери, или 80 отсто, не планираат да ги намалат платите за да можат да ги задржат талентираните работници, а со тоа да го намалат трендот на заминување на работниците.

– Ризиците со кои се соочуваат компаниите и општеството во целина не можат да се решаваат самостојно и изолирано. Поради тоа извршните директори мора да продолжат да соработуваат со широкиот спектар на заинтересираните страни од јавниот и од приватниот сектор за делотворно да се ублажат овие ризици, за да се изгради доверба и да се креираат долгорочни вредности за сопствената компанија и за општеството – вели Боб Мориц, претседател на компанијата „ПвЦ“.
Инаку, глобалниот раст на вработеноста годинава ќе биде само еден отсто, за половина помалку од минатата година, се наведува во новиот извештај на Меѓународната организација на трудот. Невработеноста во светот благо ќе се зголеми, за околу три милиони, односно на 208 милиони невработени лица, што одговара на глобалната стапка на невработеност од 5,8 отсто. Моменталното глобално економско забавување ќе принуди многу работници да прифатат пониски квалификации и полошо платени работни места на кои се намалени сигурноста на работата и социјалната заштита. М.Ј.