Ќе значи ли заминувањето на Ѓукановиќ промена на државните политики?
Заминувањето на најдолговечниот балкански владетел Мило Ѓукановиќ (Црна Гора) многумина аналитичари го сметаат како камен-меѓник, особено во надворешната политика на земјата. Во тие рамки особено се анализира можноста Црна Гора да се вклучи во иницијативата Отворен Балкан. Во прилог на ваквите размислувања оди и една од првите изјави на новоизбраниот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, дека регионалните економски интеграции се нераскинлив дел од евроинтеграциите и најави дека идната влада, која Црна Гора ќе ја добие по изборите на 11 јуни, ќе се занимава со приклучување кон Отворен Балкан.
Претседателот на Центарот за проучување на глобализацијата, Дејан Милетиќ, на оваа тема вели дека влезот на Црна Гора во Отворен Балкан е пред сѐ во интерес на нејзините граѓани.
– Мислам дека тоа ќе биде еден од првите добри потези што ќе ги преземе Црна Гора по победата на Милатовиќ. Оваа иницијатива нема кочници и е проект поддржан од Америка, а знаеме дека американското влијание во Црна Гора е доста изразено. Нема оправдување овој проект да не заживее во уште поголем капацитет. Економијата и соработката во регионот им се приоритет на сите регионални држави, бидејќи во услови на криза, ако не сме подготвени да соработуваме и да си помагаме, ќе бидеме многу послаби. Мислам дека таа свест постои и кај Милатовиќ – рече Милетиќ.
И Никола Перишиќ од Центарот за социјални истражувања е убеден дека значително се зголемени шансите Црна Гора да ѝ се приклучи на оваа регионална иницијатива.
– Клучната причина зошто Црна Гора досега не му се приклучи на Отворен Балкан беше стравот дека може да дојде до регионалната моќ на Србија и стагнацијата на црногорската европска интеграција. Сепак, со победата на поумерена политичка опција на претседателските избори и предвидувањата дека сличен исход ќе има и на јунските парламентарни избори, се зголемуваат шансите Црна Гора годинава и официјално да му се приклучи на Отворен Балкан. Дека новата влада во Црна Гора сериозно размислува за влез во Отворен Балкан покажува и фактот што премиерот Дритан Абазовиќ присуствуваше на одредени настани во рамките на таа иницијатива – потсетува Перишиќ.